1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ситуацијата во Македонија е нервозна, но препораката за преговори останува

Ако Македонија сака да ја деблокира нејзината евроинтеграција, не постојат други варијанти освен да најде решение за името, се вели во Стразбур. Никој не се занимава со алтернативата - што ако не дојде до решение?

default

Зоран Талер: Се наоѓаме во стапица

Шпанија не успеа да ја деблокира ситуацијата со Македонија. Нејзиниот државен секретар за европски прашања, Диего Лопез Гаридо, кој беше во Стразбур да ги претставува резултатите на шпанското претседателство со ЕУ во изминатите шест месеци, за Дојче Веле изјави дека напредокот на Македонија на патот кон ЕУ најмногу зависи од двете заинтерсирани страни во спорот со името.

„Тоа зависи од односите меѓу Грција и Република Македонија. Постојат средби, ние правиме се‘ за да се постигне договор, тоа е прашање кое се наоѓа и во рацете на Европската комисија. Комесарот Штефан Филе е многу ангажиран по ова прашање и ние се надеваме дека ќе има резултати за време на белгиското претседателство. “

Гаридо, притоа, потсетува дека белгиското претседателство е дел од тристранoто претседателство на Шпанија, Белгија и Унгарија.

Symbolbild EU Ratspräsidentschaft Spanien

Шпанија не успеа да ја деблокира ситуацијата со Македонија

Во случај ако не се најде решение за прашањето околу името, шпанскиот државен секретар за европски прашања не можеше да каже дали во ЕУ се бара некое друго решение за да се деблокира ситуацијата.

„Во моментов не можам да кажам дали постои некое друго решение“, ни‘ изјави Гаридо.

А што ако не дојде до решение?

Известувачот за Македонија во ЕП, словенечкиот европратеник Зоран Талер е многу појасен.

„Засега не гледам други варијанти. Очигледно е дека сите се наоѓаме во еден вид на стапица, во смисла дека општо е прифатен политичкиот став дека тоа е билатерален проблем, кој треба да се реши билатерално. Во таа насока, меѓународната заедница го чека тоа решение и никој не се занимава со алтернативата - што ако не дојде до решение?“

Според Талер, во тоа е и проблемот на Македонија, бидејќи најголемиот број од земјите членки на ЕУ се незаинтерсирани.

„Тука се наоѓа големата опасност за Македонија. Постои консензус ЕУ да се прошири кон Хрвастка, но во ЕУ многубројни се оние кои мислат дека другите треба да чекаат, чекаат и чекаат.“

За ова прашања тој разговарал и со лидерот на СДСМ Бранко Црвековски.

Parlament Gebäude in Skopje Innenansicht, Mazedonien

Kлимата станува напната, нестабилна и нервозна. Одговорните во Македонија треба да бидат свесни за тоа, оценува Талер

„Позитивно ме изненади со конструктивниот пристап. Факт е дека опозициската партија на Социјал-демократите и дава ’бланко карта’ на владата на премиерот Груевски околу проблемот со името и тоа е позитивно.“

Клучните играчи треба да бидат усогласени

Талер го убедувал Црвековски да пристапи проактивно кон премиерот Груевски и да го промовира периодичното ускладување на нивните национални интереси.

„Ние знаме дека тоа не традиција во Македонија и дека често се претерува со личните напади. Би било подобро за националниот интерес на Македонија, клучните одлучувачи да бидат услогласени“, додава Талер.

Известувачот во ЕП за Македонија, смета дека ова се одразува на внатрешната клима во земјата, но и по последните инциденти , сепак, смета дека нема дестабилизација.

„Сите чувствуваме еден вид страв и неизвесност околу тоа што може да се случи. Тоа не е добро, бидејќи климата станува напната, нестабилна и нервозна. Одговорните во Македонија треба да бидат свесни за тоа.“

Според Талер, комисијата нема да ја повлече препораката за почеток на преговори и смета дека во Македонија сега се појавува проблемот околу мотивацијата и енергијата за спроведување на потребните реформи и смета дека постои реална опасност Македонија да се симне од дневниот ред на ЕУ, ако набрзо не биде деблокирана ситуацијата со преговорите.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM