1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ситиот на гладниот не му верува - ниту му подава рака!

Учесниците на самитот на групата Г8 и веднаш потоа на групата Г20 во Торонто не најдоа заеднички јазик околу реформите на финансиските пазари. Оваа суштинска тема беше одложена за следната средба во Сеул во ноември.

default

Со една милијарда долари може да се стори многу во овој свет. Со толку многу пари може, на пример, да им се обезбеди пристап до вода за пиење на околу 50 милиони лица или пак околу 800.000 бебиња да се спасат од предвремена смрт. Лидерите на Г8 и Г20 меѓутоа се решија со овие пари да приредат огромен самит на викендот во Канада. Она што прозлезе од нивните разговори во никој случај не ја оправдува инвестицијата, ниту во поглед на вложените пари, ниту, пак, што се однесува до времето потрешено за средбите.

Зауздување на финансиските жонглери

Некој можеби ќе приговори дека една милјарда долари е ситница во споредба со тоа колку стотици милијарди вложија развиените земји на чело со САД за спас на банките во екот на кризата. Кризата, пак, многу јасно покажа дека на светот под итно му треба нова архитектура на финансиските пазари - тоа не го оспорува никој. Но, околу деталите на реформите има големи несогласувања меѓу водечките земји. Финансиската бранша од развиениот свет испрати неброени лобисти во Торонто за да ги спаси банките од преголемо мешање на државата во нивните зделки. Вистина е дека на банките не смее да им се одземе просторот за дејствување, за правење зделки и заработување. Но, банките мора да се вратат кон нивната природна улога, имено да бидат услужна бранша за реалното стопанство, а не да тонат во менталитетот на бескрупулозен грабеж.

Deutsche Welle Wirtschaft Henrik Böhme

Хенрик Беме

Згора на тоа новиот финансиски систем мора да најде модус во кој и големите банки ќе можат да банкротираат, а при тоа да не го загрозат целиот национален или дури меѓународен финансиски систем. Американскиот претседател Барак Обама на викендот во Торонто го претстави неговиот план за реформа на финансискиот сектор. За него во облик на законски предлог уште неделава ќе расправа американскиот Конгрес. Документот остави силен впечаток врз Европејците, кои сега ќе мора да се вложат уште поголеми напори за да остварат нешто слично.

Штедење или државни инвестиции

Спроти самитот имаше големи вербални препирки околу тоа дали во екот на светската економска криза треба да се штеди или напротив да се вложува во мерки за поттикнување на конјунктурата. Дуелот се водеше посебно остро меѓу Американците и Европејците. Во овој спор на крајот победи не едната или другата страна, туку разумот! Спасоносната формула гласи: стопански пораст преку разумно штедење. Спорот околу штедењето или вложувањето во конјунктурата беше неопходен, бидејќи лидерите на Г8 и Г20 се наоѓаат пред големи предизвици. Актуелната ситуација е нова за сите и никој не може да тврди дека ја открил апсолутната вистина. На крајот на краиштата во секоја земја владеат и поинакви услови, наспроти глобализацијата. Затоа на овој план нема ни побединици ни губитници - тоа е позитивното изненадување од Торонто.

Срамна помош за сиромашните

Актуелната финансиска криза ги потисна од дневниот ред другите важни теми, како заштитата на климата или борбата против сиромаштијата и гладот во светот. Богатите земји во меѓувреме сепак признаваат и јавно дека нема да можат да се придржуваат кон ветувањата дадени на сиромашните земји. Имаше и некои нови иницијативи, како на пример онаа за борба против смртноста кај новороденчињата и родилките, но тие се многу поскромни од претходните. Кога сумите од овие проекти ќе се споредат со вложувањата на богатите држави за спас на банките или, пак, на сопствените државни буџети, тогаш ветувањата за сиромашните се навистина за срамење. Тоа е големото разочарување од Торонто.

Има ли иднина Г20?

Останува отворено и прашањето што ќе се случува понатаму со Групата Г20, во која членуваат најбогатите и земјите во подем. Светската економска и финансиска криза што ја „скова“ оваа групација порано или подоцна ќе биде надмината. Земјите кои членуваат во неа немаат ни исти идолошки основи, иако мора да се каже дека влева оптимизам фактот што Кина спроти самитот ја разлабави монетарната политика како што бараа Западните земји и исто така на самитот се заложи за траен развој. Останува да видиме дали групата ќе ја преживее кризата кога на дневниот ред ќе се најдат тешките одлуки. Во тој поглед дури самитот во Сеул ќе покаже колку вредел овој во Торонто.

Автор на коментарот: Хенрик Беме

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM