1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Сите религии на едно место

„Настава по религија за сите“ е уникатен проект кој се спроведува во гимназијата „Кирхвердер Вилхелмсбург“ во Хамбург. Учениците имаат можност да се запознаат со повеќе светски религии, а им помагаат верски претставници.

default

Разлики постојат, но треба да се објаснат

Просторијата каде што се одржува курсот повеќе потсетува на занимална, отколку на типична училница. Шестнаесетте учесници на курсот по религија седат во круг, а прозорците се украсени со шарени апстрактни слики на стакло. Тие го симболизираат потеклото на сите религии и токму затоа Хамад, муслиман со индиско-пакистанско потекло и 18-годишната Озлем, чии родители се од Турција, се чувствуваат пријатно.

Хамад објаснува зошто е тоа така:

„Она што веднаш ви паѓа во очи се симболите од сите религии во светот. Тука може да се види ќилимот кој служи за молење во исламот, но и текстови од разни верски заедници. На ѕидот стојат различни симболи, кои ги има во нашите религии: од Давидовата ѕвезда или кај нас, во исламот, „Господ“ напишано на арапски“.

Deutschland Islam Konferenz Religionsunterricht

Запознавањето со религијата и различните погледи започнува од рано детство

Разликите се доживуваат позитивно

Курсот по религија сепак не е интерелигиозно додворување. Тоа се гледа уште на првиот час од предавањето. Ученичката Рана протестира гласно. Ќилимот за молитва е послан во средината на собата. „Не знам точно, но се вели дека во тој случај ѓаволот стои на ќилимот“, вели таа. Учителот бара да се расчисти дилемата и го прашува ученикот Вејзел:

„Ѓаволот се моли на тепихот или стои зад него? Вејзел, ти си муслиман, што знаеш ти за тоа?“

Вејзел му одговара дека станува збор за традиција. Тој дополнува: „Но ако се работи за ѓавол, тој не се моли“. Една ученичка се вмешува во дискусијата и вели дека во тој случај и во џамиите би имало проблем, бидејќи насекаде има ќилими.

Ваквите разлики мнозинството од учениците ги доживува позитивно. Колку се големи разликите во мислењата и верувањата, учениците дознаваат секојдневно во и надвор од училиштето „Вилхелмсбург“, во мултиетничкиот Хамбург. Во „Настава по религија за сите“ се дискутира за сите овие теми. Новоапостолката Марајке зборува за предностите од ваквиот начин на учење: „Кога се изучува само една религија, не може да се осознаат различни спротивставени мислења. Не може да се дискутира, да се разменуваат мислења, се‘ изгледа исто. Затоа сметам дека нашите предавања по религија се одлични“.

„Часовите претставуваат вистински предизвик“

Наставниот план, кој актуелно се занимава со животот на Исус, е истовремено интересен и од аспект на религијата, но и за човештвото воопшто. Новоапостолите зборуваат за повторното доаѓање на Исус, а за муслиманите, ваквото верување е апсурдно. Како се создаваат и како се толкуваат сфаќањата за религијата, кога тие меѓусебно не се усогласени? За Мелани, која не верува во Господ, ситуацијата е јасна:

„Го избрав овој курс, бидејќи се интересирам за религија и навистина ми е интересно како религиозните луѓе различно гледаат на животот, за разлика од мене. Занимливо ми е да откријам нови хоризонти и со тоа да ги проширам моите погледи, со што станувам потолерантна. Особено кога зборувам со Озлем, бидејќи таа размислува сосема спротивно од мене. Јас сум едниот екстрем кој што не верува во Бога, а таа е екстремот што значи премногу верување во Господ.

И Озлем гледа позитивно на честите разговори со Мелани. „Често се случува јас и Мелани да започнеме дискусија. Јас верувам дека во Куранот всушност се запишани Господовите зборови и тој став го застапувам тука. Многу луѓе имаат предрасуди за мојата религија - овде јас имам можност да го кажам моето мислење и отворено да зборувам за тоа“, вели таа.

За учителот по вероисповед, Андреас Глој, часовите по религија се вистински предизвик. Целта е да се стекне знаење за сите религии, но за жал тешко се наоѓа стручен материјал за предавањата. Покрај тоа често и непланирано се водат дискусии за вечно актуелните прашања.

Religiöse Symbole für Islam, Christentum und Judentum

„На пример се дискутира за еутаназијата или абортусот, или пак се размислува околу тоа што не‘ научи смртта на Исус? Токму во религијата, која е предмет на изучување на општествените науки, има многу можности каде што преку разговори на различни теми може да се вратиме наназад и да кажеме: За тоа треба повеќе да се информираме. Затоа посетуваме џамии, затоа се обраќаме на свештеници и прашуваме за тоа што не‘ интересира, и ги учиме нештата, ориентирајќи се на темите“, објаснува учителот Андреас Глој.

Со години во гимназијата „Кирхвердер Вилхелмсбург“ не се случило некој да се откаже од предавањата по религија. Тоа докажува дека религијата не мора задолжително да биде „јаболко на раздорот“, ако учениците, родителите и наставниците добро соработуваат.

Автор: Уте Хемпелман/ Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска