1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сите Претседатели на луѓето

Мирната вода околу сплавот Иванов не подразбира дека во длабочините е во тек бурна подготовка за фаќање што подобри стартни позиции во претстојната драма во повардарието за наследство на Иванов. Пишува Арсим Зеколи

Скраја да е намерата да при жив Шеф на Државата пееме опело и среде мандат му бираме наследник. По сопствена довитливост или поради туѓи недоследности, извесно е дека Ѓорѓи Иванов ќе си го истера двотомскиот мандат до крај и со минимални шанси за негово отповикување низ импичмент. Опозицијата сегашна не би брчкала премногу во тресење на фотељата на човек кој би можел да им возврати со иста мерка, додека пак опозицијата некогашна ја откри вредноста на кохабитацијата со некогашниот „фикус” и си остана достојна на мотото – се што е лошо е лошо додека не стане добро за нас.

Мирната вода околу сплавот Иванов не подразбира дека во длабочините е во тек бурна подготовка за фаќање што подобри стартни позиции во претстојната драма во повардарието за наследство на Иванов. Впрочем, кулоарите во престолнината кроце-кроце ги истакнуваат имињата на надежните кандидати, притоа користејќи ги (не)искажаните амбиции на засегнатите како увид во партиските струења и можните престројувања на политичката сцена. Без претензии да се даде финален листинг на сериозни претенденти за Иванов после Ѓорѓи, извесно е дека на сцената се назира групацијата чии имиња би можеле да се најдат во барабаните за големиот политички џек-пот во земјата.

Сместени во долната половина на групата се ликовите кои напати имаат искажано интерес и дадено отворена понуда за номинација, како Срѓан Керим и Трифун Костовски. Секој служејќи се со сопствените причини во прилог на нивната посилна страна (меѓународно искуство или непартиски профил) но со споделен хендикеп на немање јасен идеолошки бекграунд како минимум конролна гаранција за подршка од големите партии.

Получекор погоре од нив е Бранко Манојловски, новата звезда за еднократна употреба на ДУИ. Играјќи на мотото „албанско а наше” (и обратно), новопечениот Албанец со македонско име и презиме би бил идеално решение за подеднакво помирување и иритација на секоја групација во земјата. Со исклучок на ЛГБТ која дедо Бранко веќе го има промовирано во домашна Карлеуша-икона на слободната љубов без полови граници. Рамо до Манојловски е и Силвана Бонева, како лик кој сред сите чо'еци од народот опстојува како единствената жена на народот, но и политичар кој не се либел да на сопствениот шеф му опонира со пренесување на вистината од реалниот живот. Како што, нели,  можевме да слушнеме од нејзините разговори со Груевски, чија осветољубивост однапред ја хендикепира можната аспирација на Бонева.

Mazedonien, Nikola Gruevski, Präsident der VMRO-DPMNE Partei (Petr Stojanovski)

Никола Груевски

Понудата од Бихаќка

Слични се маките и на троа повисоко позиционираните аспиранти, Никола Димитров и Стево Пендаровски, обајцата со споделено политичко рождество од ерата на Доста Димовска. Позицијата на Димитров е под огромен знак прашање поради недостатокот на солидна база на поддршка, за чие освојување се потребни внатре-политички, а не надворешно-политички дипломатски шармови. Нескриената желба на Пендаровски да заседне во Водно е пак ставена под знак прашање од самата негова партија СДСМ (и покрај глумењето независност). Дотолку повеќе што по последниот несомнен и неспорен успех на последните претседателски избори во привлекување на не-СДСМ и мулти-етнички гласови, самиот Пендаровски се лизна во процепот помеѓу старото и новото водство на партијата. Додека пак подемот на популарноста на Заев кај не-Македонците го има избледнето неговиот пионерски испад надвор од етничките бариери. Понудите за ангажман во дипломатијата, молкот во Собранието и редица (благо речено) чудни изјави на Пендаровски се само навестување на неснаоѓање во ново-настанатата пост-идеолошка и квази-реформска агенда на СДСМ. Во која допрва ќе биде тешко да се снајде и да ја пронајде понудата која нема да заличи како веќе излитено и злоупотребено од Бихаќка.

Горната половина на листата ја отвораат сијамските близнаци на политичката сцена, Никола Груевски и Зоран Заев. Додека за првиот се јасни мотивите за бегство во Претседателство како имунитетен санаториум, во случајот на вториот маршот кон Вилата Водно е во склад со стратегијата за "тараваризација” на политиката преку бегство од исцрпувачката и вечно неизвесна извршна власт. Имено, не само што за Заев претседателството е она што е Гостивар за Таравари, туку е и логично надополнување на серијалот на маршот кон функциите на сметка на нивната функционалност. Во тој поход, и партијата и владата за Заев се само средства за остварување на целта – освојување на протоколарно богатиот, но по обрски и компликации многу поугодната позиција на Претседател. И во тоа Груевски и Заев се поклопуваат по споделени аспирации, но различни мотиви. Груевски е свесен дека нема да биде веќе премиер, но се труди да својата жртва ја компензира со награден претседателски мандат. Заев е пак свесен дека премиерштината е игра во која љубовта се мери од еден компромис до друг и со експресно губење на популарноста, која ионака едвај дише на апарати за реанимација.

Zoran Zaev (Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Зоран Заев

Преродениот лик на Џафери

И никој не е посвесен за погубната славодобитничка природа на популизмот од неговиот клучен конкурент– Радмила Шеќеринска. Иако одамна го има изгубено епитетот на "златното девојче на Европа”, потпретседателката на Заев тивко и смирено се прилагодува кон улогата на тетка на администрацијата во Македонија. Благодарение на несомнената супериорност во однос на познавањето на сите трикови на бирократијата, така и црпејќи од бескрајната мрежа градена со децениии низ сопствената и соперничката партија, академските мастодонти, разузнавачки подземја на регионот и корумпираниот медиумски полусвет. Со огледа на нејзиното влијание во скопската полит-дипломатска кремљологија, би можело да се каже дека темепратурата на популарноста на Заев може да биде вулканска, но Шеќеринска е сказалката на термометарот во очите на јавноста.

Доколку не верувате, еве ви илустрација. На чекор до имањето портрет низ сите амбасади на Македонија е ликот кој по команда на „системот” се прероди од капетан на ЈНА, командант на УЧК, пратенички Марсел Марсо, презирен симбол на поетичност до светец-заштитник на македонската парламентарна демократија – Талат Џафери. Во овој момент Талат е секако најпочитуваниот меѓу странците домашен политичар. Делумно поради неговата елаборативност на случувањата во земјата, но многу повеќе како происход на споредбата со провидната лицемерност на водството на ВМРО и кадровската и политичка зеленост на СДСМ. Незаконитоста на Талат е само нус-ефект на напати потенцираната природа на Али Ахмети како литмус тест на (не)искреноста на СДСМ и ВМРО која станува нивен трејд марк и во очите на меѓународната заедница. Во таква ситуација, дополнително зајакната со решеноста на ДУИ да именуваат "прв Албанец" во сѐ и сешто е моќна карта дадена во рацете на Али токму од Груевски и Заев. Кои сега би сакале да ја добијат назад, не разбирајќи дека таа карта е веќе во рацете на западот. И токму затоа, Талат би бил достоен наследник на Иванов. Не како комплимент. Туку како континуитет на политиката на дво-деценискиот пакт на неказнување помеѓу СДСМ и ВМРО, со посредство на меѓународната заедница.

Mazedonien Branko Crvenkovski Ehemaliger Präsident der Republik Mazedonien (DW/P. Stojanovski)

Бранко Црвенковски

Татко на нацијата?

Независно од можностите и неможностите да бидат наследници на Иванов, сите наведени ликови имат шанса да бидат избрани на функцијата претседател. Но не и „татко на нацијата“ која е резервирана за ликот со убедливо најголеми шанси за реизбор – Бранко Црвенковски. Неговите умри-машки следбеници ќе подрипнат весело со потсетувања дека „Патријархот” има уште еден мандат за довршување, иако и на ним им е сосема јасно дека од таа приказна не бива историја. Ниту пак ја заслужува, поради својот калкулантски молк. Што сепак не треба да не спречи во заклучокот дека не само што Б.Ц. е најбилку до описната квалификација на татко на нацијата, но и беспоговорен политички татко на речиси сите наведени кандидати како педесет нијанси на неговите матнила и  ниту еден Хамлет достоен на неговата Лирштина.

Сенката на споредбата на сите заедно и секој од нив посебно со Црвенковски допрва ќе ги следи во претстојниот период на (не)носење тешки одлуки, посебно во однос на прашањето на името. Најавите дека процесот поврзан со спорот со името ќе започнел следната година, за да биде привршен во изборно-претседателската 2019 е предупредување дека на тие избори нема да се гласа за шеф на државата туку за потписник на веќе свршениот чин на не само изгубена битка, туку и изгубен профит од спорот. Што секако ќе повлече со себе споредби со примерите од минатото кога токму под водството на Црвенковски се истера членството во ООН, во ОБСЕ, се потпиша Рамковниот и се доби кандидатскиот статус – по цена на партијскиот рејтинг. Импресивно досие на решителност во давање предност на земјата пред партијата. Кое сега ги принудува западните кругови на задоцнето каење и премислување дали погубната грешка во нивниот пристап било убиството на Црвенковски за сметка на популистички калкуланти и имитатори на државништво. Но тоа е веќе минато, како за таа политика, така и нејзиниот носител. Единствениот, конечен и великодушен придонес кој Црвенковски би можел да го даде за сопствената земја е или да си нарача нудо-акт портрет среде Скопје или стане водител на дебатна емисија. И низ таков чин на карактерно самоубиство го симне тешкото бреме на непријатна споредба од фрустрираните рамиња на неговите наследници. Кои би сакале да бидат Претседатели на Државата, а притоа секогаш бидат „татко на службен пат” кога се потпишува иднината.

DW.COM

Поврзана содржина