1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сите почести за диктаторот

Кратко по посетата на Каиро и обраќањето на американскиот претседател Барак Обама до муслиманскиот свет, египетскиот претседател Хосни Мубарак патува во посета на Вашингтон. Спорно: дали е Египет демократска земја?

default

Хосни Мубарак и Барак Обама

За едни мировник, за други диктатор -египетскиот претседател Хосни Мубарак на одреден начин е и едното, и другото. Западот го претпочита како „помало зло“, отколку некој непресметлив тиранин.

Мубарак ја презеде власта во 1981 година, по атентатот врз дотогашниот претседател Анвар ел Садат. Мубарак беше заменик на Садат, седеше до него при нападот од милитантен исламист за време на воена парада, но по некое чудо преживеа.

Надворешно-политички Мубарак се реши за континуитет и за дијалог како метод. Така Египет успеа да ги добие назад сите територии окупирани од Израел во 1967 година. Истата мостра сака да ја примени и како посредник за мир меѓу Израелците и Палестинците.

„Мора да сториме се’, за да ги доведеме двете страни на иста маса. Сакале или не, мора да се состанат. Мораме да најдеме решение, да го разбиеме ѓаволскиот круг и да ги промениме гледиштата со помош или со иницијативи од Египет или од други земји. Друг пат нема“, вели Мубарак.

Западот го смета него за фактор за стабилност во регионот и доверлив сојузник против екстремизмот. Од тоа профитира Египет, кој по Израел, е втор според обемот на економска и воена помош од САД.

Hosni Mubarak trifft Hillary Rodham Clinton

Хосни Мубарак и Хилари Клинтон

Спорно пријателство

Внатрешно-политички алијансата со Мубарак му приредува тешкотии на Западот. Тој владее со челична рака и со закони за вонредна состојба, со официјално образложение дека сака да му се спротивстави на религиозниот фундаментализам, кој длабоко навлегува во египетското општество. Забранетото движење Муслимански браќа фактички е најважна опозициона сила и контролира една петтина во парламентот со пратеници кои се водат како „независни“. Државните органи за цензура од религозни причини редовно забрануваат книги од секуларни интелектуалци. Неисламски научници се екскомуницираат, хомосексуалците се изложени на прогон. Никогаш повеќе не биле на улиците забележливи жени забрадени со шамии, исламизмот има прилив. Секуларните сили се чувствуваат потиснати и оставени на цедило од Западот. Дел од опозицијата смета дека западната подршка за режимот го спречува развојот на демократијата и човековите права во Египет.

Мубарак има 81 година. Најверојатно дискретно го подготвува синот Џамал да го наследи на претседателската функција.

Автор: Хасан Знинед/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска