1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сите посакуваат чудо во пет минути пред полноќ

Во ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека опозицијата во последен миг ќе се премисли, а во опозицијата дека власта ќе го прифати нивниот предлог. Но, никој не повлекува потег.

Како што се трошат последните часови до рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори кој истекува вечерва на полноќ, така се згуснува тензијата во двата политички блока. Според извори во ВМРО-ДПМНЕ, кај нив се’ уште постои надеж дека опозицијата во последен миг ќе се премисли во интерес на државните интереси и приоритети, а во опозицијата, дека власта ќе го прифати нивниот вчерашен предлог. Но, никој не повлекува потег.

„Ние остануваме на конструктивниот и фер предлог што вчера го понудивме. Бидејќи тој е одбиен, извесен е и бојкотот и враќањето на мандатите во Собранието, што ќе ги продлабочи тензиите во земјата“, велат од СДСМ.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien

Централата на СДСМ

Според извори во партијата, оставките на пратеничките мандати намерно биле датирани на 24 март, а не порано, бидејќи СДСМ сакал да остави простор и шанса за постигнување договор за одложување на локалните избори и за договор за предвремени парламентарни. Од СДСМ велат дека во разговорите со странските олеснувачи досега проциркулирале најмалку 15 предлози за излез од кризата, но ниту еден не бил прифатлив за власта.

Четири дена за пресврт

На денот „Д“ главото прашање во Македонија е - можно ли е да се случи чудо во последен миг? Владо Бучковски, поранешен премиер и лидер на СДСМ, вели дека не верува во чуда, но посакува тоа да се случи и на најдобар начин да се искористат тие 3 до 4 дена што власта ги понуди за одложување на рокот за кандидатските листи.

„Во понеделник има седница на парламентот. Тоа е одлична можност да поминат и измените на изборниот законик. Учеството на опозицијата на локалните избори ќе значи разврска на кризата и како што вели европратеникот Ричард Хауит, ‘чекор за следните неколку години' . Во спротивно, ќе останеме црна дупка во Европа“, предупредува Бучковски.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien

Централaта на ВМРО-ДПМЕ

Владо Поповски универзитетски професор и актуелен советник во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека предлогот на СДСМ за одложување на локалните избори ја ставил власта во невозможна ситуација, која исклучува можност да се случи чудо во последен миг. „Дај Боже да се случи чудо. Опозицијата може да учествува на локалните избори и со тоа да не ја загрози евроатлантската иднина на земјава. А, ако по локалните избори не се врати во праламентот, тогаш секако би се отворило прашањето за предвремени парламентарни, бидејќи Собрание со 47 пратеници помалку, секако ќе има спорен легитимитет“, укажува Поповски.

Страв од „купени играчи“

Во овој миг опозицијата стравува и од друг вид „чудо“ - можноста некој од нејзините градоначалнички фаворити во пет минути пред полноќ да се појави како кандидат на друга партија, но се надеваат дека тоа, сепак, нема да се случи.

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски вели дека се лажат оние кои сметаат дека опозицијата ќе се распадне ако ги бојкотира изборите.

„Таа уште повеќе ќе се засили, а нејзиниот бојкот ќе стане активен- ќе му се приклучат масовно граѓани, разни категории социјални групи, со што оваа нелегитимна власт ќе биде доведена до работ. За жал, државата ќе биде во целосен колапс, ќе ја изгубиме поканата за членство во ЕУ, но тоа е цената што ја испостави оваа нелегитимна власт“, вели Фрчкоски.

Комисијата за лустрација подготвена

Treffen Premierminister Nikola Gruevski und Branko Crvenkovski SDSM Mazedonien

Важно е власта и опозицијата да постигнат договор, велат дипломатски извори

Во зависност од тоа дали опозицијата ќе бојкотира, пред филтерот на Комисијата за верификација на фактите се очекува да стигнат на проверка од 16.000 до 20.000 имиња на кандидати за градоначалници и советници. Нејзиниот претседател, Томе Аџиев, вели дека нема проблем кандидатите во законски утврдениот рок да ја поминат неопходната проверка.

„Имаме база на податоци за носители на јавни функции и тоа многу ни ја олеснува работата, а некои од учесниците на локалните избори проверката ја имаат поминато и врз основа на претходни функции. На крајот, ако некој има спорно минато, сигурно нема да прифати кандидатура, бидејќи знае дека ќе мора да помине низ филтерот на Комисијата“, вели Аџиев.

Ни роковите на Комисијата за лустрација, ни роковите на ДИК не се пресудни ако власта и опозицијата постигнат договор, велат дипломатски извори. Тие не ја кријат својата загриженост за иднината на Македонија и потсетуваат дека рокот кој истекува на полноќ воопшто не е пресуден ако надвадее разумот. Но, до денес не добиле такви сигнали.