Сите ние сме ДУИ | Македонија | DW | 01.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сите ние сме ДУИ

Во земја во која никој не верува во ничии солзи, Демократската Унија за Интеграциja со својата баналност, коруптивност и криминал е олицетворение на сите нас, симболична претстава на тоа каква демократија преферираме.

Неодамна низ медиумите проструи „веста“ (од извори, нели, блиски до СДСМ) дека Али Ахмети се подготвува за пензија. Некаде во јуни, јули, август или лимбург месец кога мајмуните се стрижат. Наводниците во оваа прилика не се за да се стави сомнеж во можноста дека Ахмети ќе биде пензиониран некогаш, како што бива со секој смртник, туку како предупредување на полициско-доушничките извори кои ја пренесуваат веста и нивните мотиви и 'склети. На кои самиот Али, без потреба да биде демантиран или пак анализиран, самиот даде прилично гласен одговор низ именувањата на триесетина нови интегристи на лукративни позиции. Дека демантот беше не само гласен туку и доволно јасен, може да се види од лавината протести и негодувања на СДСМ-овската интелектуала, која како и обично, по команда, се огласи да ја прогласи својата традиционална и добро позната „изненаѓен и увреѓен“ попевка. Се разбира, сосе повиците „каде се сега Албанците да протестираат и да го прогласат Али за националист и антидемократ?”

Навистина, Албанците ги нема никаде да дадат своја терца во оркестрираната оперета на плукање по ДУИ. Повеќето се преокупирани со обидот за посмртно убиство на граѓанинот Алмир во Куманово од страна на експертот за албанска паравојска, обвинителот Љупчо Јовевски, избран по мерка на странците и СДУИ. Останатите пак блазирано седат настрана, подучени од Македонците кои на ист начин молчеа додека Заев, поддржан од истата СДСМ-интелектуала, медиумските сателити  и демократскиот Запад, баптистички го полеваа Али како свето бебенце и му поеја „ego te absolvo, figlio mio“.

Али не се повлекува

Не, Али не се повлекува. Но тоа не е депресивната вест за „добро информираните извори блиски до СДСМ” и пишман шарено-сдсмовската братија. Бидејќи, доколку се послужиме со историската памет и поука, големите мераци на македонските „добро информирани извори од СДСМ”, секое посакувано пензионирање на албанските лидери редовно завршува со каење за новиот избор и носталгијата за претходниот. Така беше со Невзат Халили, омразен од Глигоров и наследен од Абдурахман Алити. Чија омиленост истече штом заседна во фотелја, иставајќи го местото на нов омилен лик кај Македонците Арбен Џафери. И потоа дојде Али. И остана. Додека не реши да си каже фајронт самиот. По заслуга на СДСМ, Беса и Алијансата кои со својата алчност или глупавост му го продолжија векот на траење.

Но кој по него? Судејќи по сѐ, дури и крајот на владеењето на Али ќе заврши со еден новитет во домашната политика. Имено, заминувањето на Ахмети е замислено како крај на неговата доминација, но и крај на праксата на наметнување на македонски избраници на чело на албанската политика. Што е делумно веќе завршена работа, судејќи според крахот на сдсм-овската интрига на протежирање на ликови од доверба како СДСМ-овската тројка Арифи-Бејта-Меџити или пак СДСМ-овските Албанци за една употреба како Зеќири, Адеми, Меликије. И покрај сите напори и запнувања за самопромоција на чаирските Абот и Костело ликови, Бујар Османи и Артан Груби, нивната прифатливост е однапред хендикепирана од масовната непопуларност предизвикана од сопствената нарцисоидност и карактерна дволичност.

Разјаснувањето на потенцијалниот лик како реално можен наследник на Ахмети може да се побара преку тековната хистерија на дел од медиумите на ДУИ (од Чаир) вперен кон Хазби Лика и неговата улога во последните именувања на владини функционери. При што паѓа в очи дека гневот е вперен кон Лика, но без смело и директно обвинување на првиот интегративец, чиј збор и потпис е сепак последната линија на аминување. Мал но битен детал низ кој во позадината на атаците кон Лика се препознавааат мастилата на службите и нивното незадоволство од можноста на чело на ДУИ да се најде некој без нивниот полициски сертификат на „докажан албански патриот”.

Лика наместо Ахмети

Тивкиот тетовчанец, поранешен командант и градоначалник на Тетово, со својата умереност во поведение и вокабулар, почитувана влијателност кај Албанците полека станува најсериозниот претендент за прв човек на ДУИ. Во негов прилог, воената биографија му обезбедува прифатливост и почит кај сѐ уште силното командантско крило во ДУИ од Куманово па сѐ до Струга. Скромноста во поведение, решителноста во одлучување и изненадувачки умерениот политички речник го издигнува над просечната линија на типично-интегристичкиот модус на празнозборење и плагијаторство на туѓи идеи. Долгата диета на отсуство од владините кабинети го има поштедено од вплетканост во разните дуи-вмровски и дуи-сдсмовки нечисти пазари и компромитирачки манипулации, со што се има поштедено од пизмата на Албанците и од петната на партиско-полициски местенки.

Би било сосема наивно и да се помисли дека како човек од влијание во ДУИ сите овие децении Лика бил поштеден од брцкање прсти во мед. Сепак, за разлика од досегашните први ликови на ДУИ од (посебно) Тетово и Скопје, за него нема ни поплаки ни шепоти дека крадел од туѓ залак или се богател на туѓа несреќа. Воедно, иако од средина позната по својата примитивна политичка локал-патриотштина како што е Тетово, неговиот профил отскокнува по широчината на политичките согледувања и подготвеност за компромис. Способноста и спремноста да ја надмине тетовската алчност на грб за пари и влијание на сметка на останатите ќе биде и клучниот тест во неговиот поход кон челото на партијата и цементирања на сопствената доминација. Што и не е мал предизвик, со оглед на доминацијата на Верушевски во тетовскиот огранок и на Мијалков во чаирскиот. Хендикеп кој упатува на фактот дека и покрај пензионирањето, consigliere влијанието на Ахмети уште долго ќе се чувствува и ќе биде присутно на политичката сцена.

Други колумни од авторот:

Зошто ни се срдиш, Америко?

Ви помина ли меракот?

Балканот помеѓу НАТО и ПЕСКО

И тоа е клучниот аспект и позадината на тековната хистерија на СДСМ-контролираната интелектуално-медиумска братија контра ДУИ, површно испровоцирана од владините именувања. Која по својата искреност и чесност е на иста, идентична бранова должина како и молкот и цинизмот искажан додека Заев (со поддршка на шарените и истата интелектуала и медиуми) со широка насмевка ги амнестираше интегристите од соучесништво во децениската ВМРО-вска харанга. Сегашното мрчење против именувањето на Еленовски, Алити, Буџаку е безвредно и дволично и без ефект сѐ додека се искажува од оние кои сѐ уште громко ценат дека ликовите Анѓушев, Филипче, Дончев се супер избор за добробит на државата. Таквата интелектуално-медиумска селективна моралност е камен темелник на доминацијата на политиката на тематска идеологија воспоставена од страна на ДУИ и сега ширум прифатена и практицирана од СДСМ. Па и од меѓународната заедница и нејзиониот приод на „дај што ќе дадеш, само да се реши името“. Чии деструктивни последици, според неговото сведоштво, конечно ги увидува и – верувале или не и признал тој или не –  бабицата на сегашната шуто-роглеста владина коалиција, амбасадорот Бејли.

Нус-производ

Доминацијата на ДУИ не се должи на некаква маестрална политичка снаодливост на Али и неговите солдати, колку што е нус-производ на екстремните забегувања на македонските партии, пубертетштината на албанската опозиција и предвидливата хипокризија на САД и ЕУ кон овдешната „демократија”. Не е вина на Али што фалш-патриотството на ВМРО-ДПМНЕ, квази-граѓанштината на СДСМ, незрелоста на Беса/Алијансата и стабилократскиот колонијалистички мајндсет на САД и ЕУ го цементираат ДУИ и Ахмети како епитом на постојаноста, предвидливоста и центристичка политика. Во таква поставеност, Албанците направија исчекор надвор од маѓепсаниот круг гласајќи против статус-квото на ДУИ. И за тоа добија казна од СДСМ и посебно меѓународната заедница која докажа дека криминалот и корупцијата на Балканите се сѐ уште фактори на воено-политичка безбедност и дипломатски liнgua franga во комуникациите на Брисел, Берлин и Вашингтон со балканските касаби и атамани. Ако не верувате, споредете ги зборовите на Меркел и Јункер и делата на Заев и Ахмети.

Еднаш изгорени и казнети за сопствената наивност во верување на благопоењата на СДСМ и ветувањата од Западот, Албанците нема повторно да си дозволат да веруваат во нешто што така сликовите им се докажа како скапа наивност. Пораката ја имаат примено, јасна како бел ден. Кога ДУИ е прифатлива за СДСМ како клучен партнер, за Алијансата и Беса како минат и можен коалиционен партнер, за САД како безбедносен фактор, за ЕУ како брана од Ердоган, за ВМРО како ѓавол кој го познаваат, за Македонците како помало зло, по која логика може да се бара и очекува од Албанците да гласаат поинаку од сите преостанати?

Во земја, во која никој не верува во ничии солзи, Демократската Унија за Интеграција со својата баналност, коруптивност и криминал е олицетворение на сите нас, симболична претстава на тоа каква демократија преферираме, каква Состојба на Унијата имаме и колку сме сериозни за Интегративните процеси. ДУИ е само огледало. Ликот сме ние. 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

DW.COM