1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сите и‘ симнуваат капа на Белгија

Белгиското претседавање со ЕУ, кое завршува со крајот на календарската година, од многумина се оценува како многу успешно, и покрај внатрешно-политичката криза. Што постигнаа Белгијците во изминативе шест месеци?

default

Рецепт за белгискиот успех беа компетентноста и професионалноста. Најважниот резултат од состанокот на врвот на Унијата во декември беше текстот кој го договорија шефовите на држави и влади. Тој би требало да ја обезбеди стабилноста на еврозоната, а со тоа и на самото евро. Потоа, земјите од еврозоната ќе можат да воспостават стабилизациски механизам кој ќе се активира во случај на потреба за стабилизација на еврото и целата еврозона. Се воведуваат и построги правила во рамките на механизмот. Сите измени ќе бидат недостапни за уставни судови и евентуалните референдуми во земјите-членки. Промените стапуваат во сила од 2013 година.

Подготвеноста за компромис е клучна

При постигнувањето на договорот клучна улога одигра белгиската способност за постигнување компромиси, а тоа го персонифицираше претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој. Уште во текот на самитот стигнаа многу пофалби за белгиското претседателство. Особено беше истакнато дека Белгија е „чесен посредник“ која многу темелно си ја завршила работата.

10.07.2010 DW-TV Journal Interview Rompuy

Херман Ван Ромпој

Со својот прагматичен настап белгиското претседателство постигна многу повеќе одошто се очекуваше. Тоа се пред се’ заедничкиот пристап и акциите во текот на финансиската криза, засилениот надзор над финансиските пазари и компромисот околу буџетот за 2011 година, кој, поради судирот меѓу Советот на министрите и парламентот, се закануваше да ја турне Унијата во уште една криза. Со тоа беше обезбедено и функционирањето на европската дипломатска служба. И проблемот околу европскиот патент е многу блиску до решение, што во иднина ќе ги поедностави истражувањата и иновациите, иако се‘ уште се чека конечниот одговор од неколку земји-членки.

Англискиот јазик, речиси, исфрлен од употреба

Симпатија за белгискиот федерализам изрази и постојаниот германски претставник во Унијата, Петер Темпел. Тој го пофали начинот на кој федералните единки на Белгија презедоа дел од задачите на претседателството. Така на пример, германската јазична заедница во Белгија, која е и најмала федерална единка, претседаваше со Советот на министри за туризам. Интересно е и што за време на белгиското претседателство најчесто се користеа холандскиот и францускиот јазик, а повремено и германскиот. Англискиот многу ретко.

Belgien EU Flaggen vor Berlaymont Haus in Brüssel

Штета е што белгиската способност во Унијата не се пренесе и на нејзиниот „домашен терен“ каде нерешени остануваат бројни отворени прашања, меѓу нив и формирањето нова влада. Сепак, изгледите за тоа се многу поголеми по завршувањето на 6-месечното претседателство.

Од јануари на сцената стапува Унгарија, која за првпат ќе претседава со Унијата. До следното белгиско претседателство ќе минат 14 години. Кој ќе ја застапува Белгија на следниот самит на Унијата во март, се‘ уште е отворено прашање.

Автор: Ален Леговиќ/БГ/ЕМФ

Редактор: Трајче Тосев