1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сите го „сакаат“ поранешниот прв шпион на Гадафи

Мавританија денеска го уапси поранешниот шеф на разузнавачката служба на Моамер Гадафи, кој е обвинет за напад на цивили за време на минатогодишниот бунт во Либија, како и за бомбардирањето на француски авион во 1989-та.

Меѓународниот кривичен суд, Франција и Либија – сите сакаат да му судат на Абдула ал-Сенуси. Тој бил уапсен на аеродромот во Науакшот, главниот град на Мавританија, при пристигнувањето од мароканскиот град Казабланка. Со себе имал лажен малиски пасош.

Либиски претставник информираше дека ал-Сенуси, кој е и зет на Гадафи, веројатно во октомври минатата година побегнал во Чад, непосредно пред заземањето на главниот град Триполи од страна на опозицијата, од каде заминал во Мали и Мароко, пред да се упати кон Мавританија.

Лани западен дипломат од главниот град на Мали, Бамако, информираше дека ал-Сенуси се наоѓа во Мали и дека француската влада презема водство во неговото гонење.

По информацијата за неговото апсење, Либија побара поранешниот шеф на разузнавачката служба да биде испорачан во земјата за да му се суди, а листата на обвиненија за него е долга.

МКС, Франција и Либија се обидуваат да го добијат ал-Сенуси

Abdullah al Senussi

Меѓународниот кривичен суд, Франција и Либија се обидуваат да ја добијат екстрадицијата на поранешниот прв шпион на Гадафи

Налог за негово апсење беше издаден минатиот јуни од страна на судиите од Меѓународниот кривичен суд со седиште во Холандија. Барањето е засновано врз две точки – злосторства против човештвото и убиства и прогон на цивили во почетните денови од бунтот во земјата. Судот очекува потврда на апсењето од мавританските власти.

„Ќе побараме од нив соработка за да го предадат на судот“, рече портпаролот на оваа институција Фади ел Абдала.

И Франција реагираше брзо и почна да лобира да го добие ал-Сенуси, бидејќи тој е еден од шестте Либијци обвинети во отсуство и осудени на доживотена казна затвор во Франција, поради бомбардирањето на францускиот патнички авион над Нигерија, при што беа убиени сите 170 патници и членови на екипажот. Канцеларијата на францускиот претседател Никола Саркози објави дека тој ќе бара екстадиција на ел-Сенуси во Франција.

Либиските власти исто така очекуваат да го добијат поранешниот шеф на либиската тајна служба. „Денеска обвинителот испрати барање за екстрадиција преку Интерпол до мавританската влада“, информираше владиниот портпарол Насер ал-Мане.

„Либиското МНР е во контакт со Мавританија во однос на процедурата. Либиската влада е подготвена да го прифати Абдула ал-Сенуси, да го притвори во либиски суд и да му овозможи фер судење во Либија“, додаде тој.

Автор: Александар Методијев/ап/афп/ројтерс

Редактор: Симе Недевски