1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сите Албанци на Балканот да учат од исти учебници?

Претставниците на Албанците во Македонија со дозирана поддршка на иницијативата на албанскиот премиер Сали Бериша - Албанците од Албанија и Косово да учат од унифицирани школски текстови. Истото се бара и за Македонија.

default

Сали Бериша

На 26 мај во Тирана била одржана средба на албанскиот премиер Сали Бериша со делегацијата на Комисијата за образование и наука на Собранието на Косово. Според официјалното соопштение, објавено на интернет страницата на Советот на министри на Република Албанија, во таа пригода премиерот Бериша изјавил: „Ние треба да одиме кон заеднички текстови, со унифицирани содржини, бидејќи вистините се единствени, а обврска на науката е да ги отстрани прашината и мувлата на минатото од нив“. Тогаш Сали Бериша истакнал и дека „образовните системи на Албанија и Косово треба да бидат исти, за да се постигнат заедничките образовни стремежи.“

Претседателот на албанската влада Бериша оваа иницијатива ја изнесол првпат на 8 март годинава во Тирана, на средбата со делегацијата на Министерството за образование на Косово, предводена од министерот Енвер Хоџај. Тогаш, пак, Бериша, рекол: „Треба да преминеме на програми и заеднички текстови за многу предмети на сите образовни рамништа, почнувајќи од букварот во основното образование се до универзитетско ниво, со фундаментални преведени содржини. Ова е приоритет во соработката меѓу ресорните министерства на двете земји.“

„Косово е независна држава со сопствен образовен систем“

Тринаесет дена по оваа средба на Сали Бериша му стасал одговорот од косовскиот министер за образование Хоџај. Како што имаше пренесено албанскиот печат во регионот, тој порачал: „Нема да има унифицирање на школските текстови со Албанија. Косово е независна држава со сопствен образовен систем, тоа ќе развива соработка на полето на образованието и со други држави.“

Иницијативите на Бериша побудуваат очекувања кај Албанците во Македонија и учениците од тој етникум во оваа земја да учат според текстови унифицирани со оние во Косово и Албанија.

Нухи Дардишта, претседател на Унијата на наставници – Албанци на Македонија рекол дека идејата на Бериша е „корисна и

Lernendes Kind

Косово е независна држава со сопствен образовен систем, му одговори косовскиот министер за образование на албанскиот премиер

добредојдена, особено во изучувањето на историјата, каде што нема да има повеќе учебници со изопачени, превртени истории, пишувани од лажливи автори“.

Албанскиот печат во Македонија ја пренесе и изјавата на Аслан Хамиди, лингвист и декан на Факултетот за албанологија во Скопје. Тој предага „формирање група експерти, кои ќе изготват заеднички текстови за Албанците од трите држави“.

Агим Полјоска, професор по албански јазик на истиот факултет, за Дојче веле истакнува дека заложбата на Сали Бериша е за поздравување „бидејќи со нејзиното реализирање Албанците, кои живеат во различните држави, би го изучувале од единствени учебници сопствениот, стандардизиран мајчин јазик и на тој начин би се придонесло и кон интерференција и поголемо зближување на албанскиот јазик со другите јазици во регионот, во духот на дамнешната идеја за формирање ’Балканска лингвистичка унија’“.

Еве, пак, што изјави за Дојче веле Исмаил Ахмеди, проректорот за настава на Државниот универзитет во Тетово: „Идејата на Сали Бериша е многу прифатлива, таа е од особен интерес за Албанците, бидејќи таа оди напоредно со современите развојни трендови во Европа и пошироко. Мислам дека оваа иницијатива е и во духот на ’Болоњската декларација’ за функционирање на универзитетите.“

Дојче веле побара став и од заменичката на министерот за образование Линдита Ќазими. Таа само накратко рече: „Не можам да коментирам нешто што не сум го слушнала. Ние ќе се произнесеме за таа работа, ако има потреба. Сега-засега не можам.“

Државниот советник во ова министерство Нуман Салау смета дека „учењето на албанскиот јазик и изготвувањето литература заеднички со Косово и Албанија би била добра идеја, која треба да се реализира“. Салау дополнува дека „со оглед на различноста на наставните планови во Македонија, за да се донесе одлука за заеднички школски текстови со Косово и Албанија, министерството за образование на Македонија би требало да потпише соодветна спогодба со овие соседни албански држави“.

На наредната страница: „Етнизацијата на образовните процеси спротивна на духот на добрососедството на Балканот“