1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Системот затајува против прекршувањата на човековите права

Во Македонија нема масовни прекршувања на човековите права и слободи, но, државата не реагира институционално и системски на сериозните повреди на одделни такви права. 10-ти декември е Светски ден на човековите права

default

Професорот по казнено право и криминологија од Правниот факултет на Државниот универзитет во Скопје Гордан Калајџиев, кој е и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, истакнува:

„Повеќе сме загрижени околу тоа на кој начин државата системски реагира на прекршувањата на човековите права. Имаме интензивирање на полициската бруталност, имаме сериозни проблеми со довербата во судството и во правото на фер судење. И натаму имаме сериозни проблеми со затворите и психијатриските болници. Имаме сериозни проблеми и со дискриминацијата. Она што не загрижува нас, како организација, не е тоа дека овие проблеми се јавуваат  во сериозна форма и во голем број. За нив не можеме да кажеме дека се системски во смисла на некое масовно прекршување на човековите права. Но, загрижени сме поради тоа што за сериозни повреди на човековите права државата не реагира институционално. Пред се, судовите, обвинителството, народниот правобранител, не ги користат можностите што ги имаат.“

Најголемиот број претставки до народниот правобранител – во врска со судовите

Уранија Пировска, портпаролката на народниот правобранител на РМ Иџет Мемети, напоменува:

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule

Експертите предупредуваат да се посвети повеќе внимание на правата на децата

„И во 2011 година до овој момент најголемиот број претставки, доставени до народниот правобранител, се однесуваат на правосудството, односно на работата на судовите. Претставките најчесто се однесуваат на судските постапки, квалитетот на судските одлуки и на професионалноста во работата на судиите. Но, народниот правобранител има надлежност да постапува само по оние претпоставки, кои се однесуваат на оддолжувањето на судските постапки, оти тој нема компетенција да се меша во одлучувањето на судиите, односно во правната работа, што е предмет на судската постапка.“

Во овој контекст Калајџиев се надоврзува: „Сериозно сме загрижени затоа што во Македонија судството, но и одделни други институции,  како ’алфа и омега’ во заштитата на основните човекови права, не покажуваат независност и востановени механизми, преку кои ќе се применува правото. Во изминатава 2011 година Македонија стана уште повеќе политизирана држава отколку претходно. Поделеноста на државата и нејзината силна партизираност се сериозни проблеми, затоа што институциите не функционираат како независни. Власта нив ги третира како сопствена алатка. Покрај судовите, и судско-обвинителските совети, комисиите за антикорупција и за лустрација и други важни регулаторни тела, наместо да бидат алатка за граѓаните во функција и на контрола на власта, тие стануваат алатка на власта.“

Беса Арифи, професорка на Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово и раководителка на неговиот Центар за човекови права, е категорична: „Како и во претходните години, во Македонија главните проблеми околу човековите права произлегуваат од злоупотребата на власта, од преголемото политизирање на секојдневниот живот, но и од двојните аршини кои власта ги употребува кон своите граѓани, што резултира со дискриминација врз етничка и верска основа. Забележливо е, а тоа го истакнуваат и меѓународните организации во земјата, најчесто се кршат правата на децата и на осудениците. Гледаме што се случуваше и со скандалите околу посвојувањата деца, како и гласините за можна трговија со деца, која се случувала со години. Ова е навистина морбидно и нехумано.“

Кој да ги заштити правата на потрошувачите?

Mazedonien Land und Leute Energieversorgung

Се повеќе граѓани се жалат на повреда на потрошувачките права

Уранија Пировска фрла поглед и на повредите на човековите права во неколку други области: Забележливо е и тоа дека во последниве две години драстично е зголемен и бројот на претставки од областа на потрошувачките права. Во најголем дел тие се однесуваат на ЕВН и на „Топлификација“ од Скопје. Тоа се должи, пред се, на новиот начин на пресметување на потрошената електрична енергија, кога станува збор за овие две компании. Околу проблемите на граѓаните со овие две фирми народниот правобранител, освен што постапува поединечно за секој случај, едновремено има доставено и информации до двете компании, но и до Регулаторната комисија и до Владата на РМ. Потребно е и натаму јакнење на свеста на јавната администрација за правата на граѓаните и подобрување на нејзините професионални капацитети, со цел таа да биде вистински сервис за граѓаните.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски