1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Сиромашни, невработени и ХИВ позитивни

Според проценките на Светската здравствена организација, дури 16 проценти од населението во Замбија се инфицирани со вирусот ХИВ. Состојбата ја отежнува и тоа што Замбија е една од најсиромашните земји во јужна Африка.

default

Секој петти возрасен во Замбија во себе го носи вирусот ХИВ. Кој ќе оболи од сида, најчесто е премногу слаб за да може да работи.

За да се најде решение за оваа тешка состојба, замбиските општини како Чикуни воведоа систем на волонтери, т.н. „негуватели", кои ќе и‘ помагаат на заедницата. Тие се опремени со велосипед и за мал надоместок ги посетуваат акутно болните за да видат дали е се’ во ред. Џастин Мвинга е еден од нив: „Негувателот е практично доктор, кој не препишува медикаменти. Тој мора да ги решава проблемите во селото. Негувателот ги посетува болните и размислува како би можел да им помогне. Кога некој е хронично болен, се обидуваме да ги убедиме пациентите да одат на тест за сида. И доколку пациентот е позитивен на тестот, постојано го контролираме неговиот имунолошки систем."

Доброволните негуватели помагаат онаму каде што хронично незадоволителниот здравствен систем на Замбија има празнини: болниците се често оддалечени и се тешко достапни за болните. Недостасуваат и можности за транспорт и кога врне е невозможно да се користат неасфалтираните улици.

Помалку пациенти во болница

Mobile Gesundheitshelfer in Haampongo Sambia Aids

Мобилните негуватели во Хампонго

„Резултатот на нашата работа како негуватели се забележува по тоа што денес помалку пациенти мораат да бидат примени во болница. Порано болниците беа преполни и преоптоварени. Благодарение на негувателите, многумина пациенти може да бидат згрижени дома“, вели Розмари Хачилима од Хампонго, село со околу десетина колиби.

Таа се качува на својот велосипед и се упатува кон следната средба на „Единицата за домашна нега“- мобилните негуватели на болните од општината Чикуни. Розмари редовно ги проверува жителите на селото и заедно со медицинските негуватели нуди амбулантска помош за болните од сида.

Жителите на селото со пријателска песна ги поздравуваат членовите на мобилната медицинска екипа. Моника Нусофу ја организира мобилната здравствена служба. Таа ги прашува луѓето што чекаат во редот колку често ги земаат лекарствата.

Важна е и здравата исхрана

Кој е инфициран од ХИВ вирусот, тој има ослабен имунитет. Редовното земање на лековите е важно за да се може да се преживее. Речиси исто толку важна за болните од сида е и здравата исхрана, богата со витамини.

Chilala Daka und ihr Ernährungs-Workshop in Sambia Haampongo

Дака: „Многу од селските продукти имаат голем дел хранливи состојки“

Чилала Дака е нутриционист. Таа, на барање од „Тонга Агрофорести“, проект кој се залага за здрава исхрана на децата и болните од сида, раководи со работилници. Чилала им објаснува на учесниците дека домашните производи можат да се користат како здрава исхрана и дека со нив може да се зајакне ослабениот имунолошки систем: „Понекогаш луѓето имаат негативен став за домашните прехранбени продукти. Но многу од селските продукти имаат голем дел хранливи состојки, кои се потребни за здрав живот.“

Помошта за заболените од сида во Замбија често не доаѓа од државата, туку од проектите за самопомош, кои се организирани и се поддржани од добротворните организации. Една од нив е и групата жени од селото Чикуни.

Тука, дузина жени, стари и млади, учат техника за боење на традиционалната африканска облека, техника со која може да се заработи на локалните пазари. Патриција Хичимбанда, и самата ХИВ позитивна, од 2006 година е вклучена во активностите: „Фактот дека научивме еден занает, не‘ прави посилни во нашата секојдневна животна борба. Кога човек ќе добие доволно почетен капитал, може научениот занает да го употребува дома и дополнително да заработи пари. Оваа способност можеме да ја пренесеме и на нашите деца, за да би можеле да водат подобар живот.“

Автор: Даниел Шешкевиц / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска