1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сиромашни граѓани - скапи кредити - добростоечки банки

Граѓаните на Македонија се’ потешко се справуваат со зголемените банкарски камати. Претпријатијата се’ потешко стигнуваат до нови кредити. Луѓето од браншата сепак ги отфрлаат критиките за ваквата банкарска политика.

default

Македонските граѓани кои се навикнаа да живеат на кредитни картички се соочуваат со последиците од економската криза. Настојувањата на Централната банка да ја одржи стабилноста на финансискиот пазар и на курсот на денарот со стегање на монетарната политика ги крена банкарските каматни стапки. Сега граѓаните за истите суми што им ги должат на банките плаќаат повисоки камати.

Вонредните трошоци кои до пред некое време се покриваа со бројните ненаменски кредити се сведени на минимум. Граѓаните се трудат што побргу да ги исплатат кредитите, на ново задолжување не помислуваат. „Јас имам кредит и мислам дека каматите треба да се намалат бидејќи сега е кризно време. Каматата треба да се намали, скапи се кредитите“, велат граѓаните.

Македонските граѓани стануваа се’ позадолжени

Од 2000-та година кредитирањето на населението порасна за повеќе од осум пати. Таквата динамика стивнува во оваа година на криза. Податоците од Централната банка покажуваат дека кредитната активност на банките е забавена. Во првата половина од годинава во однос на истиот период лани, вкупната кредитна изложеност на банките растела со стапка од 13 проценти што претставува значително намалување на кредитната експанзија карактеристична во претходниот период. Во банките не кријат дека клиенти има се’ помалку.

Антонио Аргир директор во Тутунска банка за Дојче веле објаснува. „Барањата за кредити се драстично намалени. Тоа е нормално бидејќи луѓето се исплашени за своите работни места и дали ќе добиваат плата. Населението се воздржува.“

Критика за високите камати

Освен граѓаните, кредити се’ помалку бараат, но и се потешко до нив доаѓаат и бизнисмените. Претприемачите се сомневаат дека растот на каматите им одговара на банките. На тој начин можат да бидат непродуктивни, а да заработуваат, вели за Дојче веле Венко Глигоров од Сојузот на Стопански комори. „Неможам да се сетам дека некој банкар или банкарска асоцијација или групација дала предлог како да се подобри ваквата состојба, што ме наведува на заклучокот дека на банките им одговора ваквата состојба, бидејќи со високите камати го покриваат своето непродуктивно работење.“

Директорот во Тутунска банка Аргир негира дека е така, сите сме во ист кош, вели. „Во услови на економија во рецесија, растечки дефицит во трговијата и опаѓачки потенцијал на стопанството, а пред се’ во состојба на глобална економска криза македонските фирми малку можат да се потпрат на домашните банки како извор на финансирање на сопствениот развој.“

Гувернерот тврди дека банките се стабилни

Каматните стапки растеа во неколку наврати. Во зависност од кредитот, сумата и рокот на отплата просечната каматна стапка се движи меѓу 11 и 15 проценти. Директорот на една од водечките банки во Македонија, Стопанска банка, Глигор Бишев вели. „Со оглед на економското опкружување, критериумите за кредитната способност на клиентите се заострени, проценката на ризиците, управувањето со ризиците и тоа е наша обврска за да ги заштитиме средствата на штедачите“.

Во структурата на кредитната изложеност, со 67% учествуваат редовните кредити, оние што навреме се сервисираат. Гувернерот Петар Гошев тврди дека банките се стабилни и успешно ќе ја пребродат кризата. „Македонските банки се добро капитализирани и добро супервизирани од Централната банка. Имаат многу помалку ризици од многу банки во светот“.

Вкупната кредитна изложеност на македонските деловни банки изнесува безмалки две и пол милијарди евра.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина