1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Сиромашните Роми се проблем на цела Европа

Масовниот наплив на Роми од југоисточна Европа предизвикува социјални проблеми во некои германски градови. Нивната интеграција не треба да се препушти на нивните татковини, туку е задача на целата ЕУ

Западна Европа долго ја сметаше интеграцијата на Ромите за проблем за кој првенствена одговорност носат нивните татковини во југоисточна Европа. Немаше недостаток на политички апели и конкретни програми за помош со цел подобрување на социјалната положба на Ромите. Во 2005. година осум земји од источна и југоисточна Европа ја потпишаа програмата „Декада за инклузија на Ромите“, која со помош на Светската банка требаше да ги промени животните услови на Ромите во различни земји и со тоа да се спречи нивното мигрирање кон богатите европски земји.

Овие очекувања не се исполнија. Напротив. Финансиската криза го зголеми економскиот јаз во Европа. Земјите од југоисточна Европа се особено погодени од кризата. Ранливите социјални групи, како Ромите, притоа особено страдаат, а во истовреме се соочени со расизмот на десните радикали. Затоа не треба да изненадува тоа што тие ја користат секоја можност да го подобрат својот живот и стотици илјади бегаат кон Германија и други западноевропски земји. Но и тука, како што покажа отстранувањето на нивните кампови од владата на Саркози во Франција, толеранцијата кон Ромите не е на повисоко ниво.

Од влезот на Романија и Бугарија во ЕУ во 2007-та, доселувањето на Ромите во Германија се зголеми за повеќе од двојно. Германските градови како Дортмунд, Манхајм и Берлин се соочени со невозможна ситуација, затоа што масовниот прилив на Ромите од Романија и Бугарија носи и огромни трошоци за социјалниот систем. Со Ромите во Германија се пренесува и целиот спектар на социјални проблеми кој потекнува од нивниот начин на живот во татковините.

Deutsche Welle MSOE Verica Spasovska

Верица Спасовска, автор на коментарот

Наспроти илјадници добро образувани Романци и Бугари кои со години мигрираат во потрага по работа во Европа, поради своите специфични животни услови и големата сиромаштија, Ромите се соочуваат со големи проблеми. Многу од нив живеат во распаднати домови, во катастрофални хигиенски услови, без здравствено осигурување, на границата на легалноста. Бидејќи не им следува работна дозвола, многумина се пријавуваат и за финансиска помош и бараат пристап до социјалната помош. Тоа предизвикува одбранбена реакција кај мнозинството граѓани и го нарушува социјалниот мир. Притоа се превидува дека во Германија има и многу Роми кои се добро интегрирани и живеат незабележано во општеството.

Во меѓувреме, миграцијата на сиромашните од најголемото етничко малцинство на просторите на ЕУ кое брои меѓу 10 и 12 милиони луѓе, стана тема и во Германија. И покрај тоа што многумина не го признаваат проблемот. Германија во времето на националсоцијализмот водеше политика на истребување на Ромите и Синтите и поради тоа носи голема историска вина. Оној кој јавно ќе ги критикува проблемите создадени од Ромите се соочува со опасноста да биде обвинет за политичка некоректност. Но проблемите можат да се решат само со отворена анализа, а не со задскривање.

Поради големиот наплив на сиромашни мигранти, градовите во Германија се чувствуваат задушени. Тие очекуваат финансиска помош од државата и од европските социјални фондови. Со голем страв некои општини го очекуваат 1. јануари 2014 година кога европскиот пазар на трудот ќе се отвори за граѓаните на Романија и Бугарија.

Да се ограничи ова право, како што многумина сега заговараат, и со тоа да се дискриминира една цела етничка група е нарушување на основните европски принципи. Надежите дека земјите од југоисточна Европа преку ноќ ќе ги подобрат животните услови на Ромите, нема да се остварат. Затоа треба да се прифати дека интеграцијата на ова етничко малцинство е проблем на цела Европа. Целта мора да биде битка против сиромаштијата на Ромите и подобрување на нивното образование, без разлика каде тие сакаат да живеат.