1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сиромашните деца на Германија

Сиромашни деца? Во Германија? Да! Алармантен број деца живеат во материјална мизерија. Тоа го покажува еден најнов извештај, а го потврдува човек, кој на сиромашните деца од Гелзенкирхен секојдневно им прави сендвичи.

Германија – земјата чии граѓани заедно поседуваат неверојатни десет милијарди евра; земјата чиј БДП е речиси двојно повисок од оној на цела Африка; но, и земја во која волонтери мачкаат сендвичи за сиромашни деца, чиј стомак кркори.

„Секако дека постои горчина кога децата доаѓаат гладни на училиште или носат сандали во зима, бидејќи немаат водоотпорни чевли“, вели Хартмут Шимицек од организацијата „Гелзенкирхенска кујна за деца“. Ова здружение бесплатно им обезбедува на децата животни намирници и облека, како и многу други слични здруженија во Германија. Здруженијата зависат од донации – пари, волонтирање и облека од доброволни помагачи и продавници во регионот. „Нам ни треба државна примарна заштита, која ќе се погрижи за сите овие проблеми“, вели Шимицек.

Kinderarmut in Deutschland

Сиромашните деца добиваат донации

Германија – толку богата, но и толку сиромашна

Тој оваа изјава ја даде за весникот „Келнер Штаданцајгер“. Сега не сака со никого да зборува, па ниту со Дојче веле. Во неговиот град Гелзенкирхен секое трето дете живее од социјална помош. Но, Шимицек и многуте негови поддржувачи не сакаат Гелзенкирхен да изгледа како сиромашна куќа во Републиката и затоа сега молчат. Сиромаштијата кај децата во Германија е голем и засрамувачки проблем.

Едно ново истражување го покажа она што Хартмут Шимицек го знае веќе долго време. „Сиромаштијата, која за жал ја покажа уникатната долгорочна студија, е најголем фактор на ризик за развој на децата и младите“, вели раководителката на истражувањето Герда Холц. Научниците од Институтот за социјална работа и педагогија 15 години истражуваа што значи да се биде сиромашен во богата земја како Германија:

„Сиромаштијата секогаш треба да се дефинира во однос на општеството во кое живеат децата“, вели Герта Холц. Во студијата за сиромашни се земени семејствата кои како приход имаат половина од германскиот просек. „Тоа значи дека сиромаштијата, за која дискутираме тука во Германија, е во сооднос на богатството и благосостојбата на оваа земја“, објаснува Холц.

Сиромашни деца без своја соба, велосипед и одмор

Kinderarmut in Deutschland Köln

Повеќе студии ја потврдуваат лошата состојба во која се наоѓаат децата

„Конкретно сиромаштијата кај нас значи дека децата всушност се одгледуваат со помало количество храна. Тие немаат своја детска соба и мораат да се воздржат од учество во летни кампови, бидејќи тоа мора да се плати. Тие немаат ниту велосипеди, а не можат ниту да земат подарок со себе на детските родендени, иако тоа е вообичаено“, објаснува Холц.

Во моментов половина од учесниците во истражувањето живеат во сиромаштија. Главната причина е губењето на работата на родителите и намалувањето на приходите. Причина за тоа се и лошите квалификации на родителите или долгогодишната невработеност, нивната болест или, пак, хендикепот. „Оние кои се најпогодени се фамилиите со еден вработен, како и самохраните родители, а исто така и фамилиите со мигрантско потекло“, објаснува Холц.

Кој е сиромашен ќе остане таков долго време?

Abgeschobene Roma im Kosovo

Загрозени се децата од семејства со мигрантско потекло

И други студии ги потврдуваат ваквите наводи. УНИЦЕФ оваа година објави дека сиромаштијата меѓу децата во Германија е повисока отколку во многу други индустриски земји. Околу 1,2 милиони деца немаат наједноставни работи како топол оброк на ден, втор пар чевли, џепарлак или можност да се прави нешто во слободното време. Во Германија живеат околу 2,5 милиони деца кои живеат во семејства со ниски приходи, пишува и Германското здружение за заштита на деца. Тоа претставува 19,4 проценти од лицата под 18-годишна возраст.

Земја во која тече мед и млеко - овој цитат од Библијата важи за места каде богатството е големо. Во Германија има вакви места, но има и народни кујни како во Гелзенкирхен и други места. Таму мед и млеко децата имаат само кога некој тоа го донира. Во Гелзенкирхен се донираат по околу 100 тони годишно. Во донациите има млечни производи, колбаси, овошје и зеленчук – милостина за сиромашните деца на Германија.