1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сиријците во Германија: Грижа, страв и собирање помош

Состојбата во татковината ги загрижува и Сиријците кои живеат во Германија. Многу од нив имаат фамилија и роднини во Сирија со кои се обидуваат да останат во контакт.

Раида Чебиб, која е родена и живее во Бон, потекнува од сириско семејство. Нејзиниот татко во 1960 дошол во Германија да студира медицина, а мајка и‘ дошла набргу потоа. За Раида, Сирија секогаш била далечна земја. Имала контакт со фамилијата во Сирија, но многу ретко патувала таму. Како Сиријка се почувствувала пред две години, кога почна војната во таа земја.

Денес внимателно ја следи ситуацијата во Сирија и преку Фејсбук разменува информации со луѓето кои живеат таму. Раида имено не им верува на медиумите во Германија: „Германските вести за мене се олицетворение за намалување на опасноста од состојбата, известување по шема, и погрешни информации“, вели таа. Спроед неа, на извештаите и фотографиите од очевидците во германските медиуми им е намалено значењето со користењето на формулации како „наводно“, „можеб“ или „не е познато кој стои зад тоа“.

Силување и мачење

Најголемиот број од нејзините блиски роднини ја напуштија Сирија. Нејзината тетка со ќерките сега живее во Саудиска Арабија. Но со оглед на тоа дека се` уште контактира со поранешните соседи од Дамаск, нејзината тетка редовно добива веродостојни информации од лице место. А тие се лоши, како што вели Раида. Таа вели дека постојано доаѓа до напади од воздухопловните сили, силување и мачење кои ги врши војската на Асад.

Demonstration gegen Assad Regierung Syrien Hannover Messe

Демонстрации против владата на Асад во Хановер

Тоа што меѓународната заедница не делува за Раида Чебиб е потполно неприфатливо. Таа смета дека меѓународната заедница треба да се обиде да стави строго контролирано ембарго на увозот на оружје во Сирија на кое би се придржувала и Русија. Од друга страна воените напади, според нејзино мислење, само би довеле до заострување на состојбата.

Страв од тајни служби

За разлика од Раида, Ахмед смета дека воен напад како одговор на користењето на хемиско оружје е исправен: „Доколку не дојде до реакција од меѓународната заедница, Асад ќе продолжи со тоа, јас сум сигурен“. Ахмед е роден и израснат во Сирија, а во Германија дошол пред пет години да ја напише докторската теза. Своето целосно име не сака да го каже бидејќи стравува за своите роднини во татковината. Тој вели дека сириските тајни служби веќе три пати биле кај неговите родители. И Ахмед за состојбата во Сирија најмногу се информира преку интернет. На почеток седел по шест часа дневно на Фејсбук и Твитер за да ги добие сите информации кои можел да ги добие. За него тоа се автентични извори од кои може да добие нефилтрирани информации.

Тој го исклучува враќањето во Сирија во сегашните околности. Како висококвалификувана работна сила тој по одбраната на неговата докторска дисертација може да остане во Германија. Од 2012 година во Германија постои таканаречена сина карта која овозможува доаѓање во ЕУ на квалифицирана работна сила од земјите на третиот свет.

Преоптоварени телефонските врски

Ајичан Хавари дошла во Германија кога имала три години. Нејзините родители биле прогонети од Сирија по политичка линија. Нејзиниот татко морал да ја напушти работата како професор на Универзитетот во Дамаск.

Syrien Kämpfe bei Damaskus Zerstörung

Состојбата во Дамаск е многу лоша

Хавари денес работи како заболекарка. Таа сама во Сирија не може да патува поради тамошната ситуација иако добар дел од нејзината фамилија живее во Дамаск.

„Контактот не е секогаш толку едноставен“, вели таа. Секогаш кога во медиумите ќе дојде нов извештај од Сирија, телефонските врски, како што вели, стануваат преоптоварени. „Понекогаш со часови се обидуваме да воспоставиме врска и не успеваме“. Понекогаш се прекинати и интернет врските.

Собирање помош

Хавари се обидува да собере помош во Германија за своите луѓе во татковината. Поради тоа таа организира донаторски манифестации. На последната се собрани 27 000 евра. Тие пари треба да бидат доставени на сирачињата и вдовиците во Сирија. Долгорочно Хавари со својот сопруг сака да се врати во Сирија иако оваа земја ја познава само од приказните. „Верувам дека тоа ќе трае уште долго“, вели таа. Таа смета дека и во случај Асад да биде тргнат од власт, на Сирија ќе и треба уште многу време за повторно да стане стабилна земја.