1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија по санкциите - невработеност, затворени продавници и експлозија на цените

Режимот на Асад брутално го гази својот народ, поради што меѓународната заедница на Сирија и‘ воведе санкции. Но, нивните последици повторно се прекршуваат од грбот на сирискиот народ. Можат ли тие да го загрозат Асад?

default

И лошиот режим и санкциите, што треба да доведат до негово менување, се кршат од грбот на граѓаните

Сиријците се чини како да се вратени во осумдесетите години. Тогаш полиците во продавниците беа исто полупразни, се‘ беше скапо и немаше речиси никакви производи увезени од Запад. Под власта на Башар ал-Асад економската ситуација се подобри, имаше повеќе странски производи и повеќе стока, пред се‘ во градовите. Тој што имаше пари, можеше многу што да си дозволи.

Откако Асад се обидува насилно да ја задуши побуната на својот народ, САД и ЕУ го стегаат појасот со санкции за Дамаск. Тоа до сега е единственото средство со кое се обидуваат да и’ стават крај на суровоста на сирискиот режим. Сега се гледаат и првите последици од тие мерки. Според информации од владата, повеќе од 40.000 Сиријци останале без работа, цените вртоглаво растат, продавниците се пред затворање или се веќе затворени.

Syrien Demonstration

Сиријците денес како да живеат во осумдесетите години на минатиот век, бидејќи полиците во продавниците се полупразни, а цените на производите високи

Првите кои ги погодува ова економско ембарго се обичните, млади луѓе во Сирија и тоа благодарение на одлуките на сириската влада. Таа забрани увоз на автомобили и луксузна стока, поради што цените скокнаа до небо. Мал автомобил, на пример Киа Рио, одеднаш стана поскап за 2.600 евра и тоа иако во Сирија тврдат дека ги има уште доволно. Веројатно и е така, со оглед дека по протестите и бруталниот одговор на режимот продажбата падна за 90 проценти.

Сони, Филипс и Шарп ја запреа продажбата на своите производи во Сирија. Менаџерот на еден трговски центар во Дамаск пресметува дека цените на расположливите увозни производи ќе пораснат за 40 проценти.

Странските кредитни институции во Сирија ги запреа работите со кредитните картички уште порано. Сириското водство се обидува да ги смири луѓето тврдејќи дека забраната на увозот на луксузните производи е привремена мерка и дека се работи само за производи на кои се плаќа повеќе од пет отсто данок, но факт е дека забраната погодува една четвртина од целокупниот увоз, освен на автомобилите и на облеката, мебелот и поскапите намирници.

Се‘ за заштита на девизните резерви

Забраната би требало да ги заштити сириските девизни резерви, такви аргументи дава официјален Дамаск. Тоа, од друга страна, покажува дека режимот ги сфаќа сериозно санкциите, кои на почетокот ги нарекуваше безначајни.

Бјорн Лулеј, директор на Гете институтот во Сирија, што е затворен во април, верува дека на крајот токму економската ситуација би можела да биде пресудна за случувањата во земјата.

Syrien Präsident Baschar al-Assad

Претседателот Башар ал-Асад објаснува дека санкциите ги штителе сириските девизни резерви

„Големите инвестиции на Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар драстично се намалиле. И тоа попрво може да донесе до брз преврат и промена на политичката ситуација во Сирија, отколку демонстрациите во градовите“, вели Лулеј.

Последиците од ембаргото на ЕУ за сириската нафта би требале да почнат да се чувствуваат кон средината на ноември. Многу е веројатно дотогаш Сирија да најде нови муштерии, кои од неа би купувале нафта, а една од нив може да биде Кина. Експертите сметаат дека сириските девизни резерви можат да бидат доволни за уште 16 месеци.

Меѓутоа, нејасно е дали сириските бизнисмени, кои доживеаја процут во режимот на Башар ал-Асад во последните 11 години, ќе останат лојални на режимот и кога добивките ќе почнат да отсуствуваат. На Асад веќе не му се заканува само опасност од улица, туку и од економските кругови.

Автор: Урлих Лајдхолд/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска