1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија надвор и од Исламската организација за соработка?

Министрите за надворешни работи подготвувајќи го денешниот состанокот на Исламската организација за соработка препорачаа исклучување на Сирија од 57-члениот блок на нации. Кина, пак, бара решение на конфликтот.

„Одлуката е донесена со апсолутно мнозинство“, рече генералниот секретар на Исламската организација за соработка Екмеледин Исаноглу. Суспензијата на Сирија ќе треба конечно да ја одобрат шефовите на држави на самитот што денеска и утре се одржува во Мека.

На заклучоците од предлог-резолуцијата жестоко се спротивставил Иран, бидејќи Техеран е близок сојузник на претседателот Башар ал-Асад. Арапски министер соопшти дека против исклучувањето на Сирија бил и Алжир.

„Ние секако дека не се согласуваме со суспензијата на член на Исламската организација за соработка“, потврди иранскиот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи. Иран смета дека суспензијата нема да ја реши кризата во Сирија, како и оти исламските земји „треба да бараат други начини, средства и механизми за решавање конфликти и кризи“.

Изолирана во муслиманскиот свет

Syrien Rebellen Kämpfe 13.08.2012

Борбите во Сирија продолжуваат

Со исклучувањето на Сирија од оваа организација земјата ќе биде изолирана во муслиманскиот свет. Сирија веќе го загуби членството и во Арапската лига. Оваа 22-члената организација ја исклучи Сирија од своите редови во ноември минатата година, во знак на протест против односот на владеачкиот режим кон опозицијата.

А, само во вчерашните битки со тешко вооружување загинаа најмалку 120 лица, главно во провинциите Хомс и Дамаск, информираше опозицијата. Таа се пофали и дека вчера соборила воен авион во источниот дел од земјата, додека владата тврдеше дека борбеното летало паднало поради технички проблеми.

Кина сака да ги седне на маса власта и опозицијата

Најнов обид за ставање крај на сирискиот конфликт прави Кина, која планира да ги повика претставниците на сириската опозиција на преговори во Пекинг. Информацијата ја соопшти кинеското министерство за надворешни работи. Веќе денеска во Кина се очекува да пристигне претставничката на сирискиот претседател Асад, Бутаина Шабан. Таа треба да разговара со шефот на дипломатијата Јанг Џиечи.

Од кинеското МНР велат дека земјата од секогаш тежнеела кон одржување рамнотежа меѓу сириската власт и опозицијата во барањето политичко решение на сирискиот проблем. Сепак, Кина и Русија ги блокираа претходните обиди за усвојување резолуција во Советот за безбедност на ОН, со кои требаше да се осуди режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, бидејќи сметаа дека таквите резолуции не се избалансирани, како и оти за крвавите судири се одговорни и припадниците на опозицијата.