1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија и Иран се заканија со одмазда против Израел

Властите во Дамаск и во Техеран остро го осудија наводниот напад на израелската авијација врз една воена истражувачка база во близина на главниот сириски град Дамаск

По израелскиот воздушен напад врз сириска територија, Иран и Сирија се заканија со одмазднички напад. „Постои опцијата и изненадувањето за возвратен напад“, изјави сирискиот амбасадор во Либан. Иранското министерство за надворешни рабoти, според информации на новинската агенција Фарс, пак соопштило дека израелскиот напад ќе повлече со себе последици за Тел Авив.

Шефот на иранската дипломатија Али Акбар Салехи истакнал дека станува збор за „брутална агресија“. „Без сомнение ваквиот напад е во духот на западната и ционистичката политика која сака да спречи смирување и стабилизирање на ситуацијата во Сирија“, изјавил Салехи. Слични зборови на осуда упатија и властите во Дамаск. Од друга страна израелските власти и армијата одбија да ја потврдат или демантираат каква било вмешаност во наводниот напад врз воена цел во близина на Дамаск, како и одделните извештаи за бомбардирање на конвој со оружје долж сириско-либанската граница.

Израел единствено нагласи дека секој трансфер на усовршено оружје од либанскиот Хезболах значи дека е премината црвената линија. Сириската армија соопшти дека цел на вчерашниот израелски напад бил научниот центар за истражување во близина на Дамаск. Локалните жители тврдат дека Израел користел неконвенционално оружје. Израел повеќе пати предупредуваше дека доколку сириското хемиско оружје падне во рацете на Хезболах тоа ќе биде повод за војна. Ерусалим исто така предупреди и дека ракетите со долг дострел од типот „Скад“ и другото современо оружје како што се противавионските системи и ракетите земја-земја, можат да бидат предадени на либанската милиција.