1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија доминира со самитот на Г20

Кусо се насмевнаа и си подадоа рака - Путин и Обама на момент го ставија настрана судирот околу Сирија. Но, за нешто навистина да се промени по тоа прашање, е потребно многу повеќе.

САД и Русија се премногу далеку во ставовите околу трајно решение за сирискиот конфликт. Претседателите Барак Обама и Владимир Путин во Санкт Петербург договорија неформален разговор на маргините на самитот на Г20, но според наводи на дипломати од двете делегации, шансите за договор со кој двете страни „ќе го зачуваат образот“ се повеќе од лоши.

Сирискиот конфликт не е на официјалната агенда на шефовите на држави или влади на најважните светски економии. Темите на самитот се всушност економски - активна политика на пораст, поостра контрола на глобалните финансии, борба против даночните оази. Но, прашањето на Сирија доминира.

Рускиот претседател Путин има намера темата Сирија да ја отвори за време на вечерата, велат дипломати. Обама сака да го искористи самитот за интензивно да бара поддршка за своите планови за напад на Сирија. Досега само мал дел од сојузниците се осмелија да дадат поддршка, како Франција, Австралија и Турција.

Путин, како домаќин, во кругот на Г20 може да се надева на мнозинство кое би било против плановите на Обама. Двајцата веројатно ќе го избегнат остриот тон од изминатите денови. При поздравувањето во Санкт Петербург Обама и Путин си подадоа рака, кусо се насмевнаа и разменија неколку збора. Од помош на масата за разговор би можел да биде ополномоштеникот на ОН и на Арапската лига за Сирија, Лакдар Брахими, кој исто така е во Санкт Петербург.

Германската канцеларка Ангела Меркел по пристигнувањето во Русија, сепак, рече дека очекувањата од дебатата за Сирија не смеат да бидат преголеми.

„Оваа војна мора да заврши“, рече Меркел пред новинарите, додавајќи дека тоа треба да се стори политички. Германската канцеларка смета дека е добро што барем се разговара. „Кој разговара се обидува и да се договори“, рече таа. Сепак, ставовите на Русија и САД се многу оддалечени. „Затоа мислам дека се‘ уште нема да најдеме заеднички став, на пример во Советот за безбедност“, изјави Меркел.

G20 Gipfel Russland Sankt Petersburg Wladimir Putin und Angela Merkel

Ангела Меркел: Очекувањата не смеат да бидат преголеми

Папата Франциско од учесниците на самитот на Г20 побара да биде избегнат воен напад и да им се даде шанса на напорите за мир. Хуманитарните организации во Санкт Петербург, пак, предупредија дека казнена акција поради наводна употреба на хемиско оружје би ја загрозила хуманитарната помош за циивлното население во земјата.

Поради страв од штети по светската економија, Кина уште еднаш повтори дека е против американска акција во Сирија. „Решение преку дипломатски и политички канали е единственото соодветно решение за сириското прашање“, изјави портпаролот на кинеската делегација, вицеминистерот за финансии Жу Гуангијао. Тој потенцираше дека економскиот пораст е и онака слаб и дека внесување дополнителна несигурност со воен напад би можело да предизвика натамошни штети и да донесе, на пример, зголемување на цените на нафтата.