1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија го уништува хемиското оружје

Во Сирија се складирани најмалку 1000 тони отровно хемиско оружје. Сириските војници започнаа акција на негово уништување, во рамките на договорот со меѓународната заедница.

Војници на сирискиот претедател Башар ал-Асад вчера (06.10.2013) уништеле дел од својот арсенал од хемиско оружје, под раководство на експертите од Организацијата за забрана на хемиското оружје, соопшти синоќа службата за односи со јавноста на Обединетите нации.

„Сириските експерти, користејќи гасни секачи и аглести брусилки, уништија и деактивираа дел од муницијата, вклучително и боеви глави, авионски бомби, како и опрема за мешање на супстанците и нивно полнење“, се вели во соопштението.

Во извештајот исто така се истакнува дека процесот на уништувањето на сириското хемиско оружје коешто е во посед на владините сили ќе продолжи и наредните денови. Експертите на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) јавија вчера дека го започнаа уништувањето на хемискиот арсенал во Сирија, иако претходно соопштија дека со уништувањето на хемиското оружје во Сирија, откако ја добија претходно потребната документација, нејзините стручњаци во оваа земја ќе започнат в среда. Рускиот претставник во Обединетите нации, Виталиј Чуркин, изјави пак дека експертите на ОПЦВ ќе ја започнат проверката на хемиските постројки на 7-ми октомври, денеска.

Меѓународната група од 33 експерти пристигна во Сирија во вторникот, и е составена од стручњаци од САД, Русија, Велика Британија, Чешка, Узбекистан, Кина, Канада, Холандија и Тунис. Поголемиот дел од нив - 19, се инспектори на ОПЦВ, додека другите се персонал на Обединетите нации.

Според портпаролот на сириското министерство за надворешни работи, кој ги пречека на либанско-сириската граница, и прес-службата на ОН, експертите веднаш по пристигнувањето во Дамаск направиле „логистичка база за брзо започнување на работите" за уништување на хемиските агенси.

Според планот одобрен од ОПЦН за уништување на сириското хемиско оружје, инспекциите требаше да започнат најдоцна до 1-ви октомври. Во рок од 30 дена експертите требаше да ги проучат сите постројки, како и да бидат посетени и други објекти на коишто ќе посочат земјите членки на ОПЦВ. Опремата за производство на хемиското оружје треба да биде уништена до крајот на ноември 2013 година, а целиот хемиски арсенал до првата половина од 2014 година.

Се проценува дека Сирија располага со околу илјада тони хемиско оружје, распределeно на 45 локации.