1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија ги ослободи двајцата турски новинари

Двајцата турски новинари, кои исчезнаа во Сирија пред два месеца, по што се дозна дека се притворени, се ослободени со посредништво на иранските власти.

Официјалната потврда за тоа ја даде министерот Ахмет Давутоглу. Ослободувањето го покажува влијанието на Иран врз Сирија, со која Турција го расипа пријателството откако земјата се обиде да ги задуши продемократските протести, кои еруптираа во насилство. Иран и Сирија – двете земји изолирани од Западот, се држат една до друга.

Ослободените новинари се враќаат во Турција преку Техеран. Таму тие изјавија дека се во добра здравствена состојба и оти едвај чекаат да си ги видат фамилиите. Министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу напиша на Твитер дека турската влада испраќа авион за да ги врати новинарите дома. Во пораката тој додаде дека неговиот ирански колега Али Акбар Салехи го информирал дека новинарите се на слобода.

Türkei Außenminister Ahmet Davutoglu

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу

Новинарот во еден исламски весник Адем Озкосе и камерманот Хамит Чошкун исчезнаа кога се обиделе да се протнат низ границата на провинцијата Идлиб, која се смета за фокус во нападите на силите на претседателот Башар ал-Асад. Двајцата последен пат биле видени на 9-ти март и до минатиот викенд немаше никаква информација за нив. Тогаш, тие направија краток телефонски разговор со своите фамилии, јавувајќи се од притвор во Дамаск.

Турските власти ја затворија својата амбасада во Дамаск и разменувааа остри зборови со режимот во Сирија. Во Турција се регистрирани 23.000 сириски бегалци, кои живеат во кампови на границата со Сирија. Но, се проценува дека ги има уште 2.000 други, кои живеат кај своите турски роднини.