1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сирија: бунтовниците стравуваат од масакр

Во очекување на битката за двомилионскиот град Алепо, ОН сооштија дека речиси 200 илјади луѓе го напуштиле сирискиот град. Дамаск ги обвини соседните држави за поддршка на бунтовниците.

Сириските бунтовници тврдат дека го одбиле нападот на сириската армија врз нивните позиции во градот Алепо, но бараат итна седница на ОН, на која треба да бидат спречени сириските трупи да извршат масакр врз нив.

Според проценките на хуманитарните организации на ОН, најмалку 200 илјади луѓе бегаат од градот Алепо, откако армијата со хеликоптери и со тешка артилерија го бомбардираше градот последните два дена. Комесарката на ОН, Валери Амос побара од сириските власти да им обезбедат безбеден пристап на организациите за помош во градот.

Меѓународниот посредник за Сирија, Кофи Анан, изјави дека е загрижен поради концентрацијата на трупи и тешко вооружување околу Алепо и ги повика завојуваните страни мирно да го решат конфликтот.

Судирите меѓу владини сили и бунтовниците се одвиваат во непосредна близина на стариот град Алепо, кој е прогласен за светско културно наследство од УНЕСКО.

Сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем ги обвини Катар, Саудиска Арабија и Турција дека ги поддржуваат бунтовниците и ги снабдуваат со оружје.