1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириски хакерски напад врз „Њујорк тајмс“

Интернет страницата на најважниот американски весник вторпат овој месец беше недостапна за корисниците. Одговорноста за хакерскиот напад, преку порака на Твитер, ја презедоа приврзаници на сирискиот властодржец Асад.

Две недели по проблемите со серверот, веб страницата на весникот „Њујорк тајмс“ беше недостапна за корисниците поради хакерски напад. Весникот соопшти: „Злонамерни напади од страна се причината за падот“, а на своите соработници им советуваше претпазливост при испраќањето сензибилна електронска пошта. Интернет страницата на „Њујорк тајмс“, која е една од најомилените меѓу американските новински интернет страници, вчера (27.08) беше недостапна повеќе часови. „Њујорк тајмс“ своите статии привремено ги објавуваше само преку Твитер и Фејсбук.

СЕА ја презеде одговорноста за хакерскиот напад

„Сириската електронска армија“, хакерска група која според сопствени наводи ја поддржува власта на сирискиот властодржец Башар ал-Асад, преку порака на Твитер ја презеде одговорноста за нападот. Во минатите месеци таа веќе ги „хакираше“ интернет страниците и Твитер-профилите на повеќе големи весници како„Вашингтон пост“ и „Фајненшл тајмс“, како и на новинските агенции АФП и АП. Најтешки последици имаше хакерскиот напад врз АП (Асошиатед прес) кон крајот на април, кога сириските хакери проширија лажна вест: Две експлозии во Белата куќа, претседателот Обама е ранет“. Следуваше краткотраен пад на американската берза.

Групата ги обвинува западните медиуми за погрешно информирање заграѓанската војна во Сирија. Хакерите често користат краткотрајна контрола за ширење пропагандни пораки и повикување на поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Тие најчесто ги пробиваат лозинките преку т.н. фишинг-напади, при кои една на прв поглед безопасна и-меил порака содржи штетен интернет-линк.