1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириските мировни преговори пред колапс

Мировните преговори за Сирија се пред колапс уште пред вистински да започнат, откако опозицијата одби да се сретне со владината делегација, а официјален Дамаск се закани со повлекување.

Опозициските претставници соопштија дека не сакаат да се сретнат со делегацијата на претседателот Башар ал- Асад сѐ додека прво не биде потпишан протокол за транзициска администрација. Владата експресно го отфрли барањето и се закани дека нејзините преговарачи ќе ја напуштат Женева, доколку во следните 24 часа не започнат сериозни разговори.

„Доколку не почнеме со сериозна работа до утре (сабота), официјалната сириска делегација ќе ја напушти Женева поради недостатокот на сериозност и подготвеност на другата страна“, изјави сирискиот министер за надворешни работи Валид ал Муалем.

Денеска, за првпат по почетокот на граѓанската војна на иста маса требаше да седнат претставници на владата на Асад и опозиционерите.

Но средбата беше откажана во последен момент откако опозициската делегација побара владините претставници најпрво да го потпишат протоколот од 2012. година, познат како „Женева 1“, со кој се предвидува формирање на преодна влада која ќе ја надгледува политичката транзиција.

За што ќе се преговара?

Од опозицијата велат дека се дојдени за да дискутираат за транзиција со која Асад ќе биде отстранет од власт. Владата вели дека се во Женева за да

Lakhdar Brahimi

Лакдар Брахими

расправаат за борба против тероризмот, термин кој го користат властите за нивните непријатели, и не прифаќаат заминување на Асад од власт.

„Планот беше првата рунда разговори да траат до следниот петок, но очекувањата се многу мали и ќе видиме како нештата ќе се одвиваат на дневна основа“, изјави анонимен западен дипломат.

Медијаторот на ОН, Лакдар Брахими изјави дека неговиот план бил да се започне со мали чекори, како договарање на прекин на огнот, ослободување на затвореници и дозвола за пристап на хуманитарни работници, пред да се започне со потешките политички прашања.

Меѓу најголемите пречки за успех на преговорите е и фактот што поголемиот дел од бунтовничката територија е под контрола на исламски милитанти кои одбија да учествуваат на разговорите.

На преговорите не присуствуваат ниту претставници на главниот сојузник на Сирија- Иран, земја која најпрво доби покана за присуство на разговорите, но потоа истата беше повлечена од генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.