1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириските бунтовници снабдени со ракетни комплекси

Состојбата во градот Алепо е критична за цивилното население. Бунтовниците го критикуваат формирање на преодна влада со седиште во Каиро.

Борбите меѓу армијата и бунтовниците во сириската економска престолнина Алепо влегоа во 12. ден. Репортерите од теренот јавуваат дека граѓаните се‘ почесто се соочуваат со недостаток на храна, струја и гас. Хуманитарните работници на ОН велат дека се’ повеќе луѓе кои сакаат да го напуштат градот се спречени во тоа поради жестоките борби.

Според американската телевизија Ен-Би-Си њуз, Слободната сириска армија за прв пат се здобила со преносни ракетни комплекси, кои на бунтовниците им биле доставени преку соседна Турција.

Слободната сириска армија планира да ги употреби комплексите во борбата со сириската авијација во Алепо, каде изминатите денови се интензивираа воздушните напади.

Американски владин извор изјави дека арапските влади, кои сакаат пад на режимот на Башар ал Асад, меѓу кои се Саудиска Арабија и Катар, веќе со недели настојуваат сириските бунтовници да бидат снабдени со ракетни комплекси.

Шефот на бунтовниците во Сирија го критикуваше формирањето на влада во прогонство која вчера беше претставена во Каиро. Според него, оваа влада ја формирале политичари опортунисти кои сакаат да профитираат од борбата на бунтовниците.

Претходно, претставникот на сириската опозиција Хајтам ал Малех објави на прес-конференција дека е задолжен да состави влада во прогонство, која ќе биде во Каиро.

Ал Малех ја објасни одлуката да состави таква влада поради стравувањето дека може да се појави вакуум, доколку сирискиот претседател Башар ал Асад биде соборен од власт.

Хајтам ал Малех е 81-годишен конзервативен муслиман, адвокат и поборник за човекови права, кој неколку години поминал во затвор.

БГ/миа/афп/ртр

С. Недевски