1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириските бунтовници бараат оружје од ЕУ

Само што ЕУ, по долги дебати околу тоа дали да ги поддржи воено бутновниците во Сирија, го продолжи ембаргото за оружје, бунтовниците до Унијата веќе упатија ново барање за оружје.

Бунтовниците во Сирија бараат од Европската унија оружје за нивната борба против претседателот Башар ал-Асад. „Потребно ни е оружје и муниција за да го запреме убивањето, за да се браниме себеси и останатите граѓани“, изјави шефот на „Слободната сириска армија“, генералот Салим Идрис (фото горе) денеска (06.03) во Европскиот парламент во Брисел. „Потребни ни се панцерфаусти и ракети за противвоздушна одбрана“, нагласи Идрис, кој зборуваше пред пратеничката група на либералдемократите, кои го поканија да дојде во ЕП.

Според Идрис, подоброто вооружување на бунтовниците би овозможило брз крај на крвавата граѓанска војна: „Режимот би бил соборен за еден месец. Го мислам тоа што го зборувам.“

Идрис се пожали дека само околу една третина од хуманитарната помош што доаѓа од Западот и навистина завршува кај населението, затоа што еден дел се задржува од страна на режимот на Асад. „Поддршката од западните држави е мала“, рече тој, додавајќи: „Нашите луѓе не разбираат зошто меѓународната заедница бара повлекување на Асад, а не прави ништо.“

Шефот на пратеничката група на либералите и поранешен премиер на Белгија, Ги Ферхофштат, по средбата со Идриз рече: „Однесувањето на меѓународната заедница можам да го означам само како недостиг на храброст, еден вид кукавичлак и неодговорно однесување.“ Тој додаде: „За нас беше важно да чуеме дека генералот е на мислење оти со меѓународна поддршка за Слободната сириска армија е можен брз крај на конфликтот.“

Според генералот Идрис, ембаргото на ЕУ за оружје ги погаѓа само цивилите и бунтовниците, затоа што режимот добива оружје од Русија и Иран. Забраната за лиферување оружје за Сирија на крајот на февруари беше продолжена за три месеци. Велика Британија пледира за можност на бунтовниците да им се лиферува оружје, но тоа се одбива од мнозинството останати земји во ЕУ.