1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириска конференција: Бан ја повлече поканата за Иран

Генералниот секретар на ОН ја повлече поканата до Иран да учествува на мировната конференција за Сирија. Сириската опозиција напротив е задоволна, го потврди учеството на планираната средба.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го образложи повлекувањето на поканата до Иран да учествува на мировната конференција за Сирија со потребата да се поддржи формирањето преодна влада во земјата со учество на сириската опозиција.

Портпаролот на Бан соопшти дека ирански претставници во повеќе контакти го увериле генералниот секретар на ОН во нивната поддршка на основите и целите на мировната конференција, но тој е длабоко разочаран од спротивното официјално соопштение.

Со оглед на фактот што Иран одлучи да остане надвор од претходно постигнатите договори, Бан решил Техеран да не земе учество на конференцијата која почнува утре во Швајцарија, соопшти неговиот портпарол. Иран, инаку, покрај Русија е најважен сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

САД ја поздравија одлуката на Бан Ки Мун.

Техеран е песимист

Изгледите да биде прекинат речиси тригодишниот сириски конфликт на мировната конференција за Сирија којашто започнува в среда во швајцарското место Монтре не се „така големи“ без учеството на Иран, главниот регионален сојузник на Дамаск, изјави денеска висок ирански функционер.

„Сите знаат дека без Иран изгледите за постигнување вистинско решение во Сирија не се толку големи. Јасно е дека решението на сириското прашање не може да биде пронајдено доколку во процесот не учествуваат сите влијателни страни“, изјави заменикот ирански министер за надворешни работи Абас Арагчи, одговарајќи на прашањето на државната телевизија, откако ОН ноќеска ја повлекоа поканата за учество на иранска делегација во работата на споменатата мировна конференција.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека неповикувањето на Иран во Женева е „грешка“, но дека сепак тоа не е „катастрофа“.

Сирискиот национален совет ја напушта опозиционата коалиција

Во меѓувреме, најголемиот блок на сириската опозиција, Сириски национален совет, доцна синоќа објави дека ја напушта Сириската национална коалиција во знак на протест што прифати мировна конференција на која ќе преговара со режимот во Дамаск.

Советот објавил дека со земање учество во преговорите кои треба да започнат утре во Швајцарија ќе ги погази своите одлуки да не влегува во преговори додека Башар ал-Асад не биде симнат од власт.

Длабоко поделената Сириска национална коалиција по повеќенеделно заканување дека ќе ги бојкотира преговорите, сепак овие денови со просто мнозинство на гласови одлучи да учествува на конференцијата.

На оваа одлука и‘ претходеа силни притисоци од Западот и арапските спонзори на коалицијата. Според информациите кои овие денови кружеа во јавноста, САД и Британија се заканија дека ќе ја скратат помошта за сириската опозиција доколку не прифати преговори.