1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириската опозиција испраќа противречни сигнали

Сириската национална коалиција изрази подготвеност да присуствува на мировната конференција во Женева, но доаѓа до многу барања. Поради тоа набљудувачите се сомневаат во нејзината волја за вистински преговори

По дводневните советувања во Истанбул, Сириската национална коалиција минатата недела донесе одлука без какви било предуслови да учествува на мировната конференција во швајцарскиот град Женева. И покрај тоа што ова е поинаква позиција од онаа што главната опозициска групација во Сирија ја имаше пред неколку недели, кога на сирискиот властодржец Башар ал Асад му беа поставени невозможни барања, експертите се сомневаат дека коалицијата е вистински подготвена за преговори.

Калид ал Салех, шеф на одделението за медиуми на сириската опозиција во Истанбул изнесе нови барања: прекин на воените акции, ослободување на политичките затвореници, коридор за конвоите со хуманитарна помоши конкретен план за пренос на власта на преодна влада- без Асад. Тие барања не се директни услови за учество на опозицијата на конференцијата која ќе биде оддржана во декември, но сепак претставуваат голема пречка.

Тешко исполниви барања

Беате Шелер, шефица на одделението за Блиски Исток на фондацијата „Хајнрих Бел“ смеда дека опозицијата битно не го променила својот став: „Само се бараат причини да не се оди на конференцијата. Истовремено, тие не сакаат да остават впечаток дека се против преговори“, вели Шелер за Дојче Веле и додава дека барањата е речиси невозможно да се исполнат.

Слично мислење има и Мајкл Стивенс од британскиот институт „Think Tank Royal United Services“: Не би рекол дека опозицијата искрено сака преговори. Тоа е повеќе резултат на притисокот од странство. Пред сѐ Европската унија и земјите од Персискиот залив сакаат опозицијата да се најде на преговарачката маса. Сириската опозиција постапува тактички, не сака да ја загуби политичката поддршка од Западот и финансиската поддршка од земјите од Персискиот залив“, вели овој аналитичар кој работи во Катар.

Спорна иднина на Асад

Едно од главните прашања е дали Асад би требало да замине од власт? И ако треба, на кој начин? Противниците на режимот отсекогаш нагласувале дека крај на војната е незамислив со Асад на чело на Сирија. Уште на првата мировна конференција во Женева во 2012 година, петте држави постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации и повеќе држави од Блискиот Исток се изјаснија за формирање преодна влада во Сирија. Меѓутоа, Русија спречи од можната преодна влада да биде исклучен Башар ал Асад. Значи таа прва мировна конференција не донесе никакви резултати, а сега по неколку одложувања, тоа барање повторно се наоѓа на масата.

Baschar al-Assad TV-Interview 21.10.2013

Сирискиот претседател Башар ал Асад

Различните групи во сириската опозиција не се си сигурни дали заминувањето од власт на Асад треба да се постави како услов или да биде резултат од преговорите. Мајкл Стивенс смета дека пред сѐ Катар и Саудиска Арабија, како донатори на сириската опозиција, инсистираат на тоа Асад да замине веднаш/ Меѓутоа, под такви услови, мировната конференција нема ама баш никакви шанси за успех. Стивенс вели дека Асад најверојатно ќе учествува на изборите во земјата планирани за 2014 година и оти во таа пригода можеби ќе тежнее кон компромис.

Сѐ на сѐ и Шелер и Стивенс смеатаат дека шансите за успех на конференцијата во Женева, која сириската опозиција ја нарекува „Женева 2“- се многу мали поради тоа што ниту една страна не е подготвена да попушти. Опозицијата не е единствена и нема авторитет, а Асад има малку причини за промена на својата политика и може и натаму а смета на поддршката од Русија и од Иран.