1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириската влада и опозиција доаѓаат на конференцијата во Женева

На планираната мировна конференција за Сирија најверојатно ќе присуствуваат и претставници на владата и на опозицијата. Двете страни го потврдија учеството.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад ќе испрати делегација, соопшти Министерството за надворешни работи во Дамаск. И шефот на Сириската национална коалиција, Ахмад ал-Џарба изјави дека има подготвеност да се допатува во Женева и да се учествува на конференцијата закажана за 22 јануари. Армијата на сириските бунтовници (ФСА), пак, најави бојкот на конференцијата. Нејзиниот командант, генерал Салим, најави дека неговите трупи нема да запрат со борби ниту за време на конференцијата ниту потоа.

Што се однесува до целите на конференцијата, постојат различни мислења. Џарба го повтори ставот на опозицијата дека конференцијата треба да доведе до преодна влада.

Опозицијата и дел од меѓународните партнери, како Франција, Велика Британија и САД, инсистираат на тоа Асад да не смее да биде дел од ваквата влада. Наспроти тоа, Министерството за надворешни работи во Дамаск стави јасно до знаење дека делегацијата нема да отпатува за Женева за „власта да му биде предадена кому било“.

Централен елемент на конференцијата, според меѓународната заендица, е првпат да ги седне на иста преговарачка маса претставниците на режимот на Асад и на опозицијата. Со тоа, како што се оценува, би бил отворен патот за преодна влада и крај на граѓанската војна, во која досега животите ги загубија над 100.000 луѓе.