1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сириската армија ја освои населбата Баба Амро

Сириската армија напредува во копнената операција во бунтовничкото упориште Хомс. Советот за човекови права на ОН со големо мнозинство ги осуди нападите на сириската армија врз цивилното население.

default

Борби во Баба Амро

Сириската армија денеска (01.03.2012) го зазема бунтовничкиот кварт Баба Амро во градот Хомс, по два дена судири со бунтовниците, кои пак објавија дека од квартот се повлекле поради „такитчки причини“.

„Сириската војска ја контролира целата населба Баба Амро и последните ’џебови’ на отпор паднаа“, изјави за новинската агенција Франс Прес извор во безбедносните служби во Дамаск.

Претходно западните медиуми јавија дека поголем дел од сириските бунтовници кои беа во квартот Баба Амро се повлекле.

Само мал дел од бунтовниците се во квартот, кој веќе три недели е гранатиран од владините сили.

Притисокот продолжува

UN-Menschenrechtsrat Genf Debatte Menschenrechte und humanitäre Situation Syrien Februar 2012

Советот за човекови права на ОН на расправата во Женева

Бунтовниците соопштија дека донеле одлука за тактичко повлечекување за да заштитат околу 4.000 локални жители кои останаа во домовите.

Владата на Сирија вчера најави дека „ќе го расчисти“ тој кварт од припадници на отпорот.

Од друга страна меѓународниот притисок врз режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад продолжува. Велика Британија денеска соопшти дека ги повлекува сите свои граѓани од Сирија од безбедносни причини, но не ги прекинува целосно дипломатските врски, додека Швајцарија објави дека и официјално ја затвора својата амбасада во Дамаск.

Советот за човекови права на ОН пак со големо мнозинство ги осуди нападите на сириската армија врз цивилното население. На кризната седница во Женева против предлог резолуцијата гласаа Русија, Кина и Куба. Во резолуцијата се бара од раководството во Дамаск итно да го прекине насилството врз сопствениот народ и да дозволи хуманитарните организации да достават помош за населението. Истовремено се упатува и закана до одговорните за меѓународно кривично гонење поради злосторства против човештвото.

Автор: СН/ АТ/ афп/ миа/ мф/ ртр

Редактор: А. Трајковска