1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Симон Трпчески: Врвот ми беше цел, но проблемите ме направија посилен

Симон Трпчески, македонски уметник кој направи светска кариера и важи за еден од најдобрите пијанисти во светот зборува за деновите кога Македонија се осамостојуваше. Вели дека биле пресвртница и во неговиот живот.

default

Симон Трпчески

Името на најафирмираниот македонски уметник од светски калибар, Симон Трпчески е синонимот за стотиците блескави настапи со најреномираните светски имиња во класичната музика, но и за бројните награди кои зборуваат за неговиот беспрекорен влог во креирањето на суптилен и единствен јазик во пијанистичкото музицирање. За критиката ширум светот е неодолив, а публиката го обожува.

„Најсреќниот човек на планетата Земја“

Меѓу два концерти, од една до друга подеднакво возбудена публика, од едниот до другиот крај на светот, меѓу два авионски летови, Симон Трпчески го сподели чувството да се биде на сцена- нешто за што вели дека тешко се опишува со зборови. Но, „човек да има можност да се изразува преку музика е ретка привилегија. Нема поголема среќа од тоа“, вели Трпчески.

„Знаете што ми вели сестра ми? „Ти си најсреќниот човек на планетава Земја“. Верувам дека јас и голем број мои колеги музичари кои имале можност тоа да го почувствуваат на сцена навистина сме едни од најсреќните луѓе на планетава. Сестра ми не е музичар, но како и сите членови од моето семејство, многу ја сака музиката. Кога човек ќе постигне некаков успех во животот тогаш и одговорноста станува поголема бидејќи публиката го помни по она што го покажал и секогаш очекува нешто повеќе. Затоа, многу потешко е човек да се одржи на едно ниво, отколку да го достигне истото.“

Сонот пред 20 години...

Konzert - maz. Musiker Trpcevski

Македонскиот виртуоз на пијано ги полни концертните сали во светот

Сеќавањата на периодот пред 20 години, времињата на турбулентните општествено- политички промени на Балканот и осамостојувањето на Република Македонија, Трпчески ги поврзува со својот сон -тогаш на 11-годишно момче, за прекрасните сцени и оркестри. Вели дека тоа беше време на лични пресврти.

„Искрено многу не се сеќавам на времињата пред 20 години. Но, она што со мене се случуваше беше всушност еден пресврт во мојата животна приказна, со доаѓањето на професорите Романови од Москва токму во периодот на распаѓањето на поранешна Југославија и поранешниот Советски сојуз. Тоа беше од исклучително значење за мене, но и за пијанизмот во Македонија. Благодарение на нив јас подлабоко навлегов во водите на класичната музика. Посакав да биде нешто од мене, да имам можност да го споделувам она што го поседувам со многу луѓе- не само во Македонија туку и надвор од неа. Јас сонував за прекрасни сцени и за професионални оркестри со кои би можел да настапувам. Мислам дека дефинитивно успеав во тоа.“

„Патот беше тежок, но ме направи посилна личност“

Светот е воодушевен од музиката на Симон Трпчески. „Вашингтон пост“ пишува дека е „совршен во нотите и навидум далечен, но со скриена длабочина“, но и дека „успева да ги натера слушателите да му јадат од раце“. Американскиот весник „Сиетл тајмс“ го оцени како „најдоброто нешто од Македонија по Александар Македонски“.

Некогаш мислел дека врвот му е цел. „А каде е врвот- Господ знае“, би рекол Трпчески. Лесно ли се стасува до врвот кога човек ќе се исправи пред македонската реалност и нејзините недостатоци, исполитизираното секојдневје, менталитетот? „Проблемите ме направија уште посилен“, скромно вели тој.

„Да се успее во едно вакво секојдневје во смисла на сите оние турбуленции кои ги има нашата држава и со кои се справува нашиот народ е вистинско чудо. Јас сум дел од овој народ, сум бил дел од тоа секојдневје, од тешките моменти со кои се соочувала државата и дел сум денес од тој транзициски процес кој за жал се’ уште трае. Морам да признаам дека јас поминав многу тежок пат, кој ме направи многу поцврста личност. Потекнувам од многу скромно семејство и во времето кога ни требаа визи, кога имавме лош стандард, кога дома живеевме шест души во многу мал стан и кога моите родители едноставно не беа во можност да ми го дадат она што сакаат да му го дадат на своето дете, воопшто не беше едноставно. Но, со голема верба, љубов и поддршка од семејството и од еден мал број искрени пријатели и почитувачи на уметноста, јас имав можност и во тие времиња да ’подизлезам’ надвор и да видам каде се наоѓам во мојата професија и да се здобијам со поголемо искуство. Тоа ме правеше уште посилен.“

За професионалноста, вербата и за другите вредности што недостигаат во Македонија...

Maz. Musiker Simon Trpcevski in New York

Симон Трпчески во Њујорк

Кога станува збор за општествените, културните, меѓународните предизвици пред кои стои Македонија, македонскиот уметник смета дека и тука клучни се вербата во себе и професионалниот однос кон нештата.

„Многу поразвиени држави од нас ќе имаа проблем да се справат со себе доколку се најдеа на ова ’дереџе’ на кое ние сме се нашле. Мислам дека не сум нешто особено настроен патриотски туку сметам дека само сум реален човек. И така гледам на животот. Македонија секогаш била ставана пред предизвици па денешново време на одреден начин и не е некое поинакво, ново. Но, дефинитивно сметам дека мора да се однесуваме попрофесионално со цел тоа што го имаме како потенцијал да го искористиме бидејќи тој потенцијал според мене може да нè однесе многу далеку како држава.“

Титулата „Национален уметник на Република Македонија“- ја заслужив!

На Симон Трпчески неодамна му беше доделена титулата „Национален уметник на Република Македонија“. Дали титулата е предизивик и инспирација? Вели дека парите не се важни толку колку што e важен гестот со кој државата покажува грижа за уметниците но, така се поставуваат и одредени критериуми. „Можеби ќе звучи нескромно, но мислам дека одамна заслужив вакво нешто со оглед на она што го постигнав“, вели Трпчески.

Како Симон Трпчески се гледа себеси во следните 20 години? „Се надевам дека за 20-тина години пред сè, ќе бидам здрав и жив. Ќе продолжам да го работам ова што го работам на најдобар можен начин. Ако ништо друго, по 20 години ако ме прашате како сум, ќе ви кажам дека сум- среќен“!

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Александра Трајковска