1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Симон Трпчевски во Концертхаус во Берлин

На турнејата низ Европа, Симон Трпчевски, синоќа имаше настап во Берлин. Со Концертот број 1 на Сергеј Рахмањинов уште еднаш потврди дека не пупусто експертите го вбројуваат во водечките пијанисти на денешнината.

default

Суверено, до перфекција прецизно и со многу радост! Вака синоќа Симон Трпчевски, во преубавата сала на Концертхаус во Берлин, го отсвире Концертот број 1 за клавир и оркестар на Сергеј Рахмањинов.

Симон по пет години, втор пат свири во Концертхаус. Концертот е дел од европската турнеја на симфонискиот оркестар на Холандското радио кој го води исклучителниот диригент Јаап ван Цведен. По Бирмингем, Манчестер и Бејзинсток, минатиот викенд имало кратка пауза во турнејата. Трпчески изминатиот викенд имал настап во Москва, со оркестарот на Бољшој театарот. По Берлин, наредни станици се Виена и Келн.

Комлименти од публиката

„Во секој случај, ова е многу одговорна турнеја. Мислам дека Германците ќе уживаат во една многу свежа музика - Концертот број еден на Рахмањинов. И се надевам на позитивни реакции”, изјави за Дојче веле Трпчевски.

И реакциите на публиката беа навистина позитивни. Аплаузот не стивнуваше. Публиката бараше повеќе. За сладокусците и вљубениците на класиката Симон свиреше уште двапати.

Simon Trpceski

По концертот Симон Трпчевски подели автограми

„Воодушевена сум! До сега не сум го слушала, но беше прекрасно, особено она што го свиреше на бис: Менделсон и Шопен", вели една од посетителите на концертот.

„Многу добро, прекрасно. Јас често посетувам концерти за клавир. Тој е еден од најдобрите што сум ги чул", оценува друг гледач.

„Се гледа дека свирењето клавир му чини радост. И прекрасно е како оваа радост ја пренесува до публиката", заклучува трет.

Покрај пофалбите од публиката, на работата и талентот на Симон Трпчевски не е имуна ниту критиката. Николас Матиас, кодиректор и вицепретседател на ИМГ од Лондон, за Дојче веле изјави:

„Симон Трчевски е еден од водечките млади пијанисти од неговата генерација кои денес настапуваат на меѓународната сцена. Тој веќе имаше успешни настапи со големи оркестри од Америка и Европа. На турнејата со Филхармнонискиот оркестар на Холандското радио Трпчески го свири Рахмањинов и Прокофјев кои се дел од неговиот постојан репертоар. Тој во Велика Британија го завршува и снимањето на сите концерти на Рахмањинов со Ливерпулскиот Филхармонијски оркестар."

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска