1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Симитис поднесе оставка

Во вчерашниот телевизиски говор грчкиот премиер Костас Симитис ја најави својата оставка како претседател на ПАСОК, но ќе остане премиер до предвремените избори најавени за 7 март. Во образложението на оставката, 67 годишниот Симитис, меѓу другото го рече и следново: "Нашата партија има водечки личности што им припаѓаат на новите генерации. Тие го познаваат новото време. Нашата партија има водечки личности кои ќе ги спроведат желбите на народот за растеж и благосостојба, за економска и општествена стабилност".
Инаку, на денешната седница на централниот комитет на ПАСОК ќе биде соопштена кандидатурата на сегашниот министер за надворешни работи Јоргос Папандреу за претседател на партијата.
Во последните две години анкетите меѓу избирачите покажуваа постојана предност од 8 насто на конзервативната партија Неа Демократија. Оваа голема разлика меѓу двете најголеми партии во Грција владата не успеа да ја намали ниту со есенскиот пакет социјални реформи за социјално најслабите. Се укажува на сигурен неуспех на ПАСОК на пролетните избори. Лошите изборни изгледи можат да ја објаснат изненадувачката оставка на Симитис. Истовремено меѓутоа, оставката претставува новитет: Костас Симитис е првиот грчки премиер кој поднесува оставка на претседателското место во партијата за да обезбеди слободен пат за следната политичка генерација. За потсетување: во 1996 година тогашниот смртно болен премиер Андреас Папандреу цврсто ја држеше функцијата и ги исполнуваше своите обврски и од болница.
Од друга страна, обновата не значи безусловно и крај на политичките династии во Грција. Новиот претседател на грчките социјалисти носи име колку симболичко, толку и традиционално - Папандреу. Јоргос Папандреу роден во 1952 година, сепак застапува ставови кои се далеку од популистичката и дури националистичка политика на неговиот татко. Како министер за надворешни работи во кабинетот на Симитис, Јоргос Папандреу важи за рбет на подобрите односи, како со балканските држави, така и со Турција. Може да се земе предвид и тоа што и името на претседателот на најсиланата опозициона партија Неа Демократија е тесно поврзано со политичката традиција во земјата: Костас Караманлис роден во 1956 година е внук на Константин Караманлис кому треба да му се благодари за приемот на Грција во ЕУ.
Сепак, прерано е да се оценува како ќе влијае оставката на Симитис врз избирачите. Сигурно е дека Папандреу е во состојба да ја намали разликата на резултатите од анкетите. Но, ќе остане неизвесно до изборите како ќе решат да гласаат нерешителните. Се поставува и прашањето зошто грчките избирачи не сакаат да гласаат за Костас Симитис кој ужива висок углед во Европа и кој се спомнува за највисоката функција во Европската унија. Социјалистичката влада постигна важни цели, на пример во стабилизацијата на стопанството, влезот во монетарната унија, во борбата против тероризмот или за приемот на Кипар во ЕУ. Колку што се приближуваат изборите, сепак за грчките избирачи поважна улога играат секојдневните домашни проблеми отколку повисоките, но истовремено и поапстрактни цели во политиката. Многумина Грци и префрлаат на владата на Симитис за лошата состојба во здравството, образованието и на пазарот за работа. За нив нема извинување за неуспешната пензиска реформа или за загубата на цели богатства на малите вложувачи на атинската берза по инвестиционата препорака на владата. Јавна тајна е дека грчките граѓани дневно се конфронтираат со пазарните цени на западноевропско ниво во исто време кога платите и пензиите се далеку под просечноот европско ниво. Оттаму, најголемиот предизвик за новата грчка влада по 7 март ќе биде приближувањето кон економските стандарди на ЕУ. Многу е веројатно дека како Папандреу, така и Караманлис во нивната изборна битка ќе настапуваат со ветувања за подобрување на секојдневјето на Грците. Затоа изборната битка ќе ги нема знаците на неплодната дебата за "леви" и "десни", туку ќе се сведе на конкретни позиции и содржини. На Грција итно и е потребно спроведување на содржини зашто економскиот растеж од 3 насто во најголем дел е резултат на изградбата на проектите за олимписките игри во август. Проширната Европска унија со 25 членки секако за Грција ќе претставува помала финансиска поддршка, што значи ќе мора повеќе да постигнува со сопствени сили.