1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Симбол на помирувањето во Орадур

Како прв германски претседател Јоахим Гаук го посети местото на нацистичкиот масакр од 1944 година во француското село Орадур - сур-Глан. Претседателите на Германија и на Франција и еден преживеан тука си подадоа раце.

Останати се многу порти, но тие со децении веќе не се отвораат, овде се‘ е „замрзнато“ како пред 69 години.

На 10 јуни 1944. година, кратко по 14 часот, децата требало да се вратат дома од училиште, да им раскажат на мајките што научиле ново, да побараат јадење. Но, тоа не се случило. СС-дивизијата „Рајх“ стигнала во селото Орадур-сур-Глан, решена да изврши масакр.

„Зошто токму овде?“, праша германскиот претседател Јоахим Гаук во обиколката на Орадур-сур-Глан, заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд и преживеаните, вчера (04.09.2013), на вториот ден од својата посета на Франција. Причина немало, се работело само за демонстрација на моќ и терор.

СС-војниците барале заложници. Градоначалникот сакал да се жртвува, но попусто. Жените и децата биле собрани во црквата и живи запалени. Мажите биле стрелани. Потоа војниците го прочешлале селото, барајќи сокриени луѓе, во најголем дел и ги пронашле и убиле. Куќите биле запалени. Во масакрот загинале 642 луѓе.

„Орадур беше еден врисок, го слушам и денес“, изјави францускиот претседател Оланд.

Важен момент во заедничкото пријателство

Заедничката обиколка на двајцата претседатели низ урнатините на Орадур секако беше врвот на тридневната посета на Јоахим Гаук на Франција. Настанот во живо го пренесуваше француската телевизија цели три часа, а медиумскиот интерес и до Германија беше голем.

Ни самиот Гаук не сметаше на толкав одглас. Тоа беше потврда на неговата одлука како прв германски политичар да го посети местото на свирепоста, како гест на помирување. Со понизност и полн благодарност што имаше можност да дојде во Орадур, истакна Гаук. Патувањето кај него е поврзано со многу чувства, како претседател и лични, изјави тој. Како припадник на генерацијата родена во 1940 година, по 1945 година чувствувал тешко бреме „што всушност треба да се мрази како Германец“. Сега, како стар човек, ја претставува земјата за која може да каже, „да, и‘ припаѓам“. Францускиот претседател Оланд ја пофали достоинственоста со која денешна Германија се соочува со нацистичките варварства.

Поинаква Германија

Во Златната книга на гробиштата во Орадур Гаук напиша: ова е сведоштво дека денес „постои една друга, имено миротворна и солидарна Германија“. Во Орадур на лицата на малкуте преживеани сведоци на масакрот се‘ уште се гледа стравот од тогашните германски злосторници.

Разбирливо е колку зборовите на Гаук беа значајни за луѓето низ цела Франција. Гаук го познава темното поглавје од германската нацистичка ера од својата сопствена биографија, што на неговите зборови им даде посебна убедливот и емоционалност, која ја пренесе и на слушателите.

Заедничкото држење за раце на двајцата претседатели и прегратката со еден од преживеаните станаа симбол на вчерашниот ден. Подоцна двајцата претседатели уште еднаш се прегрнаа, без инсценации.

Многу убијци се неказнети

Орадур во Франција остави многу рани. Меѓу злосторниците имало и 14 принудно мобилизирани Елзашани. По војната тие биле осудени, а подоцна Парламентот, под притисок на пратениците од Елзас, изгласал амнестија. 20 општини околу Орадур потоа многу години штрајкувале поради одлуката во Париз. И Гаук ја истакна огорченоста која ја дели со многумина присутни на манифестацијата што и голем дел од германските злосторници не се ставени пред судот на правдата.

„Тоа е мојата горчина, со која ќе се вратам во мојата земја и ќе зборувам за неа“, вети Гаук.