1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Силни земјотреси во Кина- десетици загинати

Во два последователни земјотреси во северозападна Кина, според последните официјални информации на локалните власти, загинале најмалку 47, а повредени се преку 200 лица.

Според податоците на американската сеизмолошка опсерваторија УСГС, првиот земјотрес кој се случил утрината во северозападната кинеска покраина Гансу имал интензитет од 5,9 степени. Час и половина подоцна во регионот бил почувствуван уште еден потрес со интензитет од 5,6 степени. Според сеизмолошката служба на провинцијата Гансу, епицентарот на земјотресот се наоѓал на длабочина од 20 километри.

Земјотресот бил почувствуван во речиси сите градови во Минсијан, а најмногу се погодени градовите Меичуан и Пума, каде потресот уништил голем број на куќи. Комуникациите во 13 градови во округот Џангсијан се прекинати.

Припадници на војската и полицијата веднаш биле упатени во подрачјата погодени од земјотресот и се вклучиле во акцијата за спасување, додека локалните власти веднаш обезбедиле итна медицинска помош и околу 1.000 шатори.

Метеоролозите за понеделник во овие подрачја прогнозираат врнежи од дожд, што само може да им ја отежни работата на спасувачките екипи.

Државната кинеска телевизија покажува снимки од разурнати села до кои е отежнат пристапот на спасувачките екипи. Во западниот дел на Кина земјотресите се честа појава.