1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Силни земјотреси во Иран

Два силни земјотреси во близина на северозападниот ирански град Табриз предизвикаа паника меѓу населението. Ударот на првиот земјотрес е измерен со 6,2 степени. Иранските медиуми соопштуваат за паника меѓу населението.

Техеранскиот универзитетски сеизмолошки центар соопшти дека земјотресот во 12:23 часот по средно-европско време се случил на 60 километри од Табриз и на длабочина од 10 километри. Земјотресот кој следувал по 11 минути бил измерен со јачина од шест степени.

„Нашиот пристап до селата е пресечен и можеме со нив да комуницираме само со радиоприемници“, изјави Махмуд Мозафар, шеф на иранската Организација за спасување и помош. „Нема податоци за жртви, но повредените се пренесени во болница. Хеликоптери и спасувачи се испратени кон селата“, додаде тој.

Портпаролот на противпожарната заштита во Табриз информира дека „во големи делови од градот нема струја и има голем сообраќаен хаос“.

Flash-Galerie Erdbeben Iran 2003

Фотографија од земјотресот во 2003-та година

Некои од иранските новински агенции јавија дека земјотресот ја попречил комуникацијата во мобилната и фиксната телефонија, поради што е тешка размената на информации со погодениот регион. Гелем дел од населението бил во своите домови, спроведувајќи го рамазанскиот пост, кога се случил првиот потрес на земјиштето. Луѓето во паника ги напуштале разнишаните домови и трчале на улица. Табриз има популација од 1,5 милиони лица. Не може да се исклучи дека во овој земјотрес има жртви, бидејќи во околните села има големи штети. Денешните земјотреси се почувствувани во повеќе ирански градови, каде населението е на улиците, исплашено од дополнителни потреси на земјиштето.

Иран се наоѓа на неколку големи земјени раседи и поради тоа често на негова територија се случуваат земјотреси, од кои некои беа катастрофални. Во декември 2003-та година, земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала го погоди јужниот град Бам, убивајќи 31.000 лица, што претставува четвртина од неговата популација, и уништувајќи ги древните тврдини во градот.