1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Силен прилог за еманципацијата на жената во Македонија

Мируше Хоџа, како претседателски кандидат на ДПА, оценува дека веќе фактот што како прва жена се кандидирала за оваа функција претставува голем чекор напред.

default

Прва жена кандидат за претседател на Македонија, Мируше Хоџа

Вие, Госпоѓо Хоџа, оставате траен белег во политичката историја на самостојна Македонија како прва жена која се кандидира за претседател на државата. Кога ја прифативте кандидатурата, бевте ли свесна за тој факт и каков сигнал сакате да дадете со Вашата кандидатура?

Да, мојата кандидатура како прва жена претседателски кандидат во Република Македонија секако дека има свој значителен белег. Ме прашавте дали бев свесна за оваа ситуација, односно за овој факт. Веројатно не. Но, факт е дека мојата кандидатура бележи чекор напред во еманципацијата на жената во нашето општество и исто така и во еманципацијата на мажот, затоа што се бележи чекор напред во унапредувањето на нашиот систем воопшто.

Да се задржиме уште малку поподробно на улогата на жената во Македонија во политиката, во економијата, во општествениот живот. Колку силен поттик може Вашата кандидатура за највисоката функција во државата да даде за натамошната еманципација на жената и тоа посебно на албанската жена во Македонија?

Сигурна сум дека веќе чекориме напред, што значи дека веќе мојата кандидатура одбележува чекор напред, со самиот факт што сум присутна. Исто така сум уверена дека тоа ќе претставува чекор напред во положбата на жената во нашето општество, што значи донесување на одлуки во сите сегменти на општествениот живот. Исто ќе влијае и врз донесувањето одлуки од страна на жената во семејството. За жал тоа сега не е така во нашите семејства и во нашето општество.

Токму тоа е интересниот момент, во поинтелектуалните средини секако не сте единствена, која учествува во политичкиот, јавниот и општествениот живот. Но, како таа порака да допре до обичната жена во семејството, онаму каде што се гласаше колективно или пак онаму каде што жената е премногу подредена на нејзината улога во семејството, а премалку ги сфаќа нејзините општествени права, па дури и обврски да придонесе во развојот?

Секако на неколку начини. Да речеме, преку медиумите. Со самиот факт што се појавувам на политичката сцена во улога, во којашто жената, посебно Албанка, не била никогаш, а исто така ни македонската жена не била застапена.

Mazedonien Land und Leute Islam Unterricht in Tetovo

Млади Албанки во Тетово во религиозно училиште (медреса)

Тоа влијае многу врз потсвеста на сите индивидуи. Но, тука не застанувам, туку чекорам напред, а тоа значи без оглед на исходот секако ќе имам постојана комуникација со семејствата, со жените, со разни владини и невладини организации, при што се надевам дека ќе успеам и понатаму да ја поттикнам самодовербата на жената. Јас го направив овој прв чекор, сега треба да се обидеме сите колективно да ја развиеме самодовербата понатаму.

Госпоѓо Хоџа, како се гледате себе си како евентуален иден претседател на Република Македонија? Каков стил би негувале во вршењето на функцијата? Што би Ви било приоритетно?

Се разбира, пред се’ поаѓам од тоа што значи да се биде претседател на една држава. Претседателот ја претставува државата, тој е кодот што ги обединува сите. А за да бидете код што обединува, треба во себе да ги имате тие квалитети, односно сегменти, веќе врежани во вашиот начин на живеење. Сметам дека мојата предност е тоа што тенденцијата за обединување е мојот врежан начин на живеење. Значи, без подлеби, без пристрасности во однос на тоа дали се однесувате помило кон една политичка партија, а запоставувате друга. Значи, претседателот на смее да држи страна на една или друга политичка партија. Исто така претседателот не смее да и’ држи страна на некоја религиозна групација, а да ја потисне другата.

Исто така и кохабитацијата ја сметам за главна, како институција односно цел којашто до сега за жал не функционираше во нашето општество, во вистински смисол на зборот. За да функционира кохабитацијата, сметам дека е важно да се остават на страна сите его-идентификации. Значи, јас како претседател треба да ги оставам его-идентификациите и конструктивно да и’ пристапам на институцијата влада.

Зборувавте за Вашиот обединувачки код. Но, понекогаш и напнатоста во меѓунационалните односи во Македонија е исто така реалност. Каква е Ваша оценка за состојбата на тој план и што мислите дека треба да се направи за натамошно подобрување, а што е пак пречка во меѓунационалните односи во државата?

За жал во нашето општество постои етничка дистанца. Тоа е констатација што не ја велам само јас, туку и разни странски институции, како Амнести интернешенал, Хуман рајтс рипорт, кои дадоа оценки за болниот факт на етничка поделба, којашто постои во нашето општество. Оваа ситуација на етничка оподелба мора да се надмине. Како тоа го гледам јас, односно мојата партија ДПА? Ни сме, и јас сум, за консензуална демократија.

Menduh Taci von DPA, Mazedonien

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи

Тоа значи и право на вето на малцинствата, иако зборот малцинства не ми е многу омилен, бидејќи априори упатува на подреденост. Но, кога веќе немаме друг збор, тогаш да речам дека станува збор за право на вето на малцинствата застапени во парламентот и во други институции. Со тоа би требало да се спречи друга, доминатна етничка целина да донесува одлука за правата на малцинствата. Од друга страна, треба да развиеме слух и за паралалени институции и во тој случај не би имале ситуација во која би имале подреден и таков кој што подредува. Во тој случај би ги надминале овие дистанци, кои ги имаме во нашето општество и кои негативно влијаат и во внатрешните процеси, но исто така и во надворешниот изглед на нашата држава.

Госпоѓо Хоџа, евроатланската интеграција на Македонија е цел што ја истакнуваат сите претседателски кандидати. Што мислите Вие, како Македонија треба во наредниот период да постапува, за да го забрза тој процес, кога е веќе тоа општа желба на сите политички субјекти во Македонија?

Нам ни се поставени целите кои треба да се реализираат, да се надминат, да се решат, за земјата да биде дел од големото евроатлантско семејство. Значи битно е прашањето за името, спорот со Грција. За да се реши овој спор, ќе мора да се најде едно компромисно решение околу името, кое што нема да задира во ничиј идентитет. Прашањата околу антиквизацијата, предлагам не да се затворат еднаш за секогаш, зошто да се затворат кога тие се појавија во јавноста, но тие да и’ се остават на науката. Значи предлагам да се најде компромисно решение за името, решение кое никако нема да задира во ничиј идентитет, во смисол да загрози нечиј идентитет, а прашањето околу античкото и словенското потекло на Македонците да се остави на науката со сите параметри кои ги бара.

Денеска претседателските кандидати повторно се состанаа на заеднички појадок. Вие не бевте на првата средба, ја пропуштате и денешната. Кои се мотивите?

Wahlen in Mazedonien

Мируше Хоџа не беше ни на првата средба на претседателските кандидати во Скопје

Јас сум премногу ангажирана, изгледа дека пресериозно сум ја сфатила работата. На моите колеги им кажав дека доколку најдам време ќе присуствувам на средбата, но сметам дека е многу важно да се најде време за дебати. Најважно е да не’ слушаат граѓаните и да го споделиме мислењето со нив. Сметам дека е важно нашите дружења да ги задржиме и по изборите, без оглед на тоа кој ќе биде претседател на државата.

Сметате ли дека изборите навистина ќе поминат во посакуваната атмосфера, дека ќе бидат фер и демократски и дека Македонија ќе може да добие еден плус со самото тоа и поттик во евроатланските интеграции?

Јас навистина се надевам и на секаде апелирам, на митинзите, никако и никој да не подлегне на какви било провокации отстрана, кои би иницирале инциденти кои би биле мошне штетни за Република Македонија. Изборите треба да минат без инциденти, тоа е првата работа што е поставена како критериум Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.