1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сигнали на попуштање и прво примирје во Газа

Францускиот претседател Саркози објави дека Израел го прифатил предлогот за прекин на огнот. Израел овозможи хуманитарна помош во појасот Газа, а Хамас е подготвен да престане со ракетирање на израелска територија.

default

Никола Саркози и Хосни Мубарак

Израел и палестинската влада на претседателот Махмуд Абас го прифатија француско-египетскиот план за примирје, соопшти францускиот претседател Никола Саркози. Планот мора да биде реализиран колку што е можно побргу, рече Саркози. Израел досега само го поздрави предлогот за ставање крај на борбите и тоа под услов да престане „непријателскиот оган“ од појасот Газа и примирјето да содржи мерки со кои ќе се спречи повторно вооружување на Хамас.

Инаку, палестинската влада на претседателот Махмуд Абас нема никакво влијание во појасот Газа. Раководството на радикално-исламистичката организација Хамас, кое дејствува во бегалство, соопшти дека уште ги разгледува предлозите за примирје, но дека нема да се преговара за перманентен прекин на огнот.

Хуманитарна помош за населението во Газа

Претходно, Израел за три часа ги запре нападите во појасот Газа, за да овозможи дотур на хуманитарна помош до населението што страда. Претставник на армијата објави дека прекинот на огнот ќе трае од 12 до 15 часот по средноевропско време. Во појасот на Газа влегоа околу 80 камиони со хуманитарна помош. Од рано изутрината повторно започна и испорака на гас.

Вакви прекини треба да има на секој втор ден, а нив ги прифати и Хамас, ветувајќи дека ќе се придржува кон прекинот на огнот во тој период. Претходно, Муса Абу Марсук, заменик-шеф на Хамас, во интервју за телевизијата „Ал-Арабија“ изјави дека доколку израелската армија навистина секое попладне за повеќе часови ги запре нападите и Хамас во тоа време нема да стрела со ракети кон израелска територија.

Поддршка од Меркел за египетскиот план

Во меѓувреме, германскиот канцелар Ангела Меркел, како и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, категорично го поддржаа египетскиот предлог за прекин на огнот во војната во Газа. Советот за безбедност на ОН, пак, и натаму не може да се усогласи околу заедничка линија во врска со конфликтот. За денеска е закажана нова средба.