1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сигнали за мир на Блискиот Исток!?

Првите сигнали што Барак Обама ги испрати кон арапскиот свет се чини наидуваат и на првични позитивни реакции. Носи ли тоа нови надежи за мир во, со децении разнебитениот, Блиски Исток?

default

Барак Обама на Блискиот Исток

Новите тонови од Белата куќа се чини наидуваат на прв позитивен, иако се’ уште воздржан одек на Блискиот и Средниот исток. Претседателот на Иран, Махмуд Ахмадинеџад, брзо одреагира на најавата на новиот станар во Белата куќа дека е подготвен да води директни разговори со раководството во Техеран.

Добрата волја на новиот американски претседател е за поздравување, порача Ахмадинеџад, но треба да видиме дали станува збор за вистинска промена во политичкиот курс или само за површно тактизирање. Со оваа изјава иранскиот претседател барем ја подотвори вратата за вопоставување иранско-американски дијалог.

Поуки од историјата

30 години по исламската револуција дури и најтврдокорните бранители на исламскиот режим во Иран се чини дека сфатија оти дијалогот е подобар од конфронтацијата. Или дека дипломатијата е подобра од политиката на взамено обвинување и споредби со „црниот ѓавол“. Отфрлањето на понудата за дијалог ќе беше навистина погрешен чекор, спротивен на државничката мудрост. Но, многумина очекуваа токму таква реакција од Ахмадинеџад, кој во очите на Западот се профилираше како страшило. Од друга страна не треба да не’ чуди тоа што иранскиот претседател постави и услови за дијалогот со светската супер сила: САД треба да се извинат за поранешните злостори сторени кон Иран, да ги повлечат трупите од целиот свет и да престанат да се мешаат на секаде. Конечно, треба да ја прекинат поддршката за Израел - поабара Ахмадинеџад.

Бесмислена пропагандна реакција или...

Да ги погледнеме клучните барања едно по едно: прво, сериозни американски експерти за политиката кон Иран веќе подолго препорачуваат официјален Вашингтон да се извини за државниот удар од 1953 година, што го подготви ЦИА. Исто така и за поддршката на Садам Хусеин за време на Заливската војна. Само ваков гест може да ја подобри климата во меѓусебните односи меѓу САД и Иран. Значи ако Обама мисли да води мирољубива политика, тогаш има експертски мислења на кои може да се потпре и во сопствената земја. Второ, повлекувањето на силите од воените жаришта, Обама има намера побрзо да ги повлече војниците од Ирак и без барањето на Ахмадинеџад. А и во Авганистан сигурно нема намера да ги остави подолго од она што е најнеопходно. Е, што се однесува до третото барање за прекин на поддршката за Израел, тука пораката од Техеран нема да наиде на отворени уши. Блиските односи меѓу САД и Израел сигурно нема да паднат како жртва за подобрувањето на односите со Иран.

Се менува ли тонот кон Израел?

И по прашањето на Израел би можело да се исцрта тивка и помалку забележлива промена. Првата посета на новиот американски пратеник за Блискиот исток Џорџ Мичел наиде на поддршка во арапскиот свет. Дури и радикалното движење Хамас ја оцени посетата на Мичел како позитивен чекор, додавајќи дека е за жалење што Вашингтони и понатаму не остава простор за директни преговори со ова радикално движење на Палестинците. А во официјален Ерусалим исто така не може да се пречуе суптилниот подтон дека „златните времиња“ на неограничена поддршка од Вашингтон за време на владеењето на Џорџ Буш се веројатно минато.

Првите ластовици...

Секако дека од овие први, внимателни сигнали уште не може да се наѕре некое сеопфатно решение за децениските проблеми во регионот. Но, по позитивната реакција на иранскиот претседател сепак се отвора можноста за надминување на гневот и огорченоста од минатото и свртување на погледот кон евентуално подобрата иднина. Изречените услови за дијалог не мора да бидат крути и непопустливи, ниту пак да бидат насочени кон понижување или уништување на другата страна. Од ваквите поволни ветрови на Блискиот и Среден исток можеби би можеле нешто да научат и Израел и Хамас.

Како и да е, сега се чини дека топката е повторно во полето на Американците и сите љубопитно го очекуваат следниот потег на новата администрација во Вашингтон.