1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Се’ што треба да се знае за Евросонг 2011

Иако големото финале во Дизелдорф е далеку, подготовките за најголемиот музички фестивал во Европа се во ек . Не поминува ниту ден без да се појават некои нови детали во јавноста за Изборот на песна на Евровизија.

default

Под слоганот „Почувствувај го ритамот на твоето срце!“ (Feel your heartbeat!), оваа година, на 56-тиот натпревар на песна на Евровизија во Дизелдорф, ќе учествуваат претставници од 43 земји. Најголемо изненадување е секако враќањето на Италија, која учествуваше на Евровизија последен пат пред 14 години. На Евровизија, по четиригодишна пауза, се враќа и Австрија, а потоа Унгарија по две, и Сан Марино, кој го направи своето деби во 2008 година во Белград.

Слоганот, инаку, е придружен со соодветно лого во знакот на пулсирачко срце, нацртано во боите на германското знаме. Графичкиот дизајн е дело на британски дизајнер, инспириран од минатогодишниот победник Лена Мајер-Ландрут, која за време на преносот на своите фанови им изрази благодарност со затворање на прстите во облик на срце.

Билетите речиси распродадени

Logo Eurovision Song Contest 2011

„Почувствувај го ритамот на твоето срце!“ - слоган на овогодинешниот избор

Ова ќе биде трето евровизиско натпреварување кое се одржува во Германија – прво од обединувањето на Германија. Поточно, вториот избор за песна на Евровизија беше одржана во Франкфурт, но само поради тоа што во 1957 се‘ уште не беше воведено правилото дека организацијата на натпреварот и‘ се доверува на земјата- победник на натпреварот. Во 1983 година, тоa сепак, беше случај. Благодарение на победата на композицијата „Малку мир" (Ein bisschen Frieden) на Ралф Зигел, која ја изведе Никол Зајберт, Евровизија беше одржана таа година во Минхен.

Водителското трио

Во средината на јануари имаше промени во тимот на Евровизија. Наместо Сванте Стокселиус, функцијата супервизор на натпреварот ја презеде Норвежанецот Јон Ола Санд, кој досега работеше како шеф на норвешката делегација, извршен продуцент на Евровизискиот фестивал во Осло, и на преносот на доделувањето на Нобеловите награди.

Eurovision Song Contest Düsseldorf 2011 Flash-Galerie


Изборот на водител-домаќин на Евровизија најверојатно не изненади никого. Германската актерка Анке Енгелке е родена во Монтреал, Канада и зборува француски, што е исто така еден од условите кои водителскиот тим мора да ги исполни. Лениниот „гуру", познатиот телевизиски продуцент и водител Штефан Раб, исто така е дел од водителското трио. Ова за него е веќе петто учество на Евровизија - во 1998 и 2004 се појави како автор на песните кои ја претставуваа Германија на Евровизија. Во 2000 година и самиот тој како изведувач ја претставуваше својата земја и заврши како петти, а во 2010 година беше извршен продуцент на националниот избор во Германија „Нашата ѕвезда во Осло" ("Unser Star für Oslo") и ментор на актуелната евровизиска победничка. Во водителскиот тим е и едно лице на германскиот јавен радиодифузер АРД, водителката на дневникот Јудит Ракерс.

На наредната страница: Како ќе се гласа оваа година?