1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се шири насилството на демонстрациите во Авганистан

По крвавиот напад врз објектот на ОН во авганистанскиот град Мазар-и-Шариф, насилството на демонстрациите против палењето на Коранот во САД се прелеа и во други делови на Авганистан.

Напад врз седиштето на ОН во Мазар-и-Шариф

Напад врз седиштето на ОН во Мазар-и-Шариф

Во Кандахар, на југот на Авганистан, при протестите против палењето на Коранот, се убиени најмалку девет лица, а повредени повеќе од 70. Стотици демонстранти извикуваа анти-американски пароли, палеа автомобили и го заземаа главното седиште на полицијата. И во западноавганистанскиот град Херат имаше протести. Вчера, по петочната молитва, разгневена толпа луѓе влезе во силно обезбедуваниот простор на ОН во Мазар-и-Шариф. При нападот загинаа седуммина странски соработници на ОН.

Меѓународната заедница жестоко го осуди смртоносниот напад на гневните демонстранти врз канцеларија на ОН во Мазар-и-Шариф. Причина за протестите беше неодамнешното горење на Коранот во САД.

„Тоа беше одвратен и кукавички напад врз соработници на ОН, кој во никој случај не може да биде оправдан“, изјави генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун.

Политичари од целиот свет го осудија нападот, а Советот за безбедност на ОН одржа вонредна седница на барање на Германија, по што побара од владата во Авганистан да преземе се‘ што е неопходно за расчистување на инцидентот. Одговорните мора да бидат пронајдени и казнети, рече германскиот вицеамбасадор во ОН, Мигуел Бергер. ОН потврдија дека при нападот врз канцеларијата на ОН во Мазар-и-Шариф се убиени седуммина странци.

Гневни демонстранти

Коран

Коран

Властите во Авганистан информираа дека стотици луѓе се собрале на протести против горењето на Коранот од страна на радикални христијани во САД. Инцидентот се случи пред две недели во Гејнсвил, на Флорида, меѓутоа не доби меѓународен публицитет. Кога демонстрантите стигнале до канцеларијата на ОН, протестите станале насилни. Навлегле во објектот, го запалиле и фрлале со камења врз полицијата. На протестот загинаа и повеќемина демонстранти. Во меѓувреме гувернерот на провинцијата Балк, Ата Мухамад Нур соопшти дека полицијата уапсила повеќемина осомничени лица: „Дел од 27-те напаѓачи, кои ги уапсивме беа повредени, а некои се’ уште го имаа кај себе оружјето со кое го сториле делото. “

Алан Ле Рој, заменик на генералниот секретар на ОН, одговорен за сите мировни мисии на светската организација, оцени дека протестите не биле директно насочени против ОН. Според него, демонстрантите едноставно барале меѓународна цел.

Американски свештеник уште минатата година предизвика големо негодување, откако најави дека на годишнината од нападите на 11 септември јавно ќе го запали Коранот. По жестоките протести во целиот свет, акцијата беше откажана.

Автор: АТ/ ЕМФ/ дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM