1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Се чека одлуката за укинување на визите со ЕУ

Извештајот за исполнување на условите за визна либерализација со ЕУ од страна на државите од Западен Балкан им е доставен на земјите-членки на Унијата. Дали визите ќе се укинуваат во „пакет“?

default

Одлуката за укинување на визите за патување во ЕУ за земјите од Западен Балкан ќе биде донесена на идниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ, што ќе се одржи на 15 јуни во Луксембург, јави австриската новинска агенција АПА. Реално е дека граѓаните на „една до три земји“ кон крајот на оваа или почетокот на идната година ќе бидат ослободени од визи, изјави за агенцијата неименуван дипломат од ЕУ. Според него, во моментот се водат дискусии за тоа дали земјите од Западен Балкан ќе добијат визно олеснување „во пакет“, или, пак, одделно.

Засега е речиси сигурно дека на Македонија ќе и‘ биде укинат визниот режим, а добри шанси имаат и Србија и Црна Гора, додава агенцијата АПА.

Највисока оценка за Македонија

Европската иницијатива за стабилност, пак, ги објави проценките за исполнувањето на условите за визна либерализација од страна на земјите од Западен Балкан.

Рангирани се пет земји, врз основа на проценките на експертите и ЕК за имплементација на бараните услови според Патоказот. Иако ЕК, како и земјите-членки се‘ уште не излегуваат во јавноста со официјални детали од извештајот, од Европската иницијатива за стабилност порачуваат дека транспарентноста само може да помогне во овој процес:

„Иако официјално, ЕК не се согласува со тоа, ние сметаме дека е корисно да бидат објавени овие документи. ЕК и земјите-членки сакаат да ги држат во тајност ваквите процеси, но ние мислиме дека тоа е погрешно. Граѓаните од Западен Балкан имаат право да знаат кои се преостанатите обврски на нивните влади, но и граѓаните на ЕУ мораат да бидат запознати со реформите кои се случуваат во овие земји“, изјави за Дојче веле Александра Штиглмајер.

Во објаснувањето на сајтот на ЕСИ / Европската иницијатива за стабилност стои дека ЕК има шест одредени фази за проценка на исполнувањето на условите од Патоказот и секоја е претставена со одреден број. Најголем број, односно најдобра оценка има Македонија. Бројот еден за неа значи дека Македонија ги исполнила сите или речиси сите услови кои ги поставила ЕК. Србија и Црна Гора имаат оценка 1,75, а БиХ и Албанија имаат оценка 3, што значи дека се на вистински пат, но не ги исполнуваат се‘ уште сите потребни услови. Александра Штиглмајер од ЕСИ вели дека е јасно дека Македонија ги исполнила сите услови кои ги постави ЕК, и дека сега европските институции треба да започнат процес за укинување на визите за неа.

Symbolbild Visum und Visa Warndatei

Индивидуален напредок или „пакет“?

Конечната одлука за визната либерализација се носи со квалификувано мнозинство, односно потребно е да ја поддржат две третини од земјите-членки на Унијата, по претходно дадено мислење и од Европскиот парламент. Но, поради претстојните избори за Европскиот парламент, веројатно е дека тој за визната либерализација за земјите до Западен Балкан ќе расправа дури во септември. Тоа, според мислењето на Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност, им дава доволно време на Србија и Црна Гора да ја стигнат Македонија во исполнувањето на условите и евентуално сите три земји заедно да добијат безвизен режим.

Македонија, напротив, очекува ЕУ наскоро да ја почне правната процедура за укинување на визите врз основа на индивидуалниот пристап, а безвизниот режим за македонските граѓани да стапи во сила до крајот на оваа година, истакна министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на вчерашната средба во Брисел со потпретседателот на Европската комисија задолжен за правда, слобода и безбедност, Жак Баро.

ЖА/АТ/миа/апа/дв

Редактор: Александра Трајковска