1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се’ уште нема согласност за санкции против Северна Кореја

Консултациите во Советот за безбедност продолжуваат и денеска. САД ја поздравија готовноста на Кина за прв пат да се согласи со санкции против Пјонгјанг, макар и во ограничен обем

Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ил

Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ил

Во иднина Ким Јонг Ил не ќе може да ужива во шампањско и холивудски филмови, ако Советот за безбедност постигне согласност околу каталогот на санкции поднесен од САД. Не е виц, вели американскиот амбасадор Џон Болтон: „Севернокорејскиот режим функционира така што води трговија на црно, а потоа цврстата валута ја користи за елитата и нејзиниот вообичаен животен стил, како и за оружја за масовно уништување. Оттука и санкциите против луксузни добра за Ким Јонг Ил и неговите колеги“.

Ваквиот предлог, меѓутоа, јасно покажува колку малку средства има Советот за безбедност за режимот во Северна Кореја навистина да го стави под притисок, без притоа да му наштети на ионака осиромашеното население. Поради тоа од предлозите за санкции е изземена хуманитарната помош. „Советот посакува да изнајде соодветен одговор, што ќе биде јасен во својата порака и акции“ - рече јапонскиот амбасадор Кензо Ошима, кој поднесе битно подалекусежни предлози, отколку 13-те пунктови од америнскиот предлог за санкции. Токио бара сите пристаништа и аеродроми во светот да бидат затворени за севернокорејски бродови и авиони.

Сите предлози треба да бидат поврзани со главата 7 од Повелбата на светската организација, што би овозможило на крајот и ангажман на воени средства. Но, со првичната остра осуда на севернокорејскиот атомски тест, заврши и едногласноста на Советот. Во наредните консултации Русија и Кина, членки со право на вето, повторно се битно повоздржани кога се во прашање конкретни казнени мерки. Тие две земји, како и Јужна Кореја, се за „помека“ политика, со економски санкции во краен случај.

Вака или онака, севернокорејскиот амбасадор во ОН остана неимпресиониран: „Многу сум горд на нашите научници, кои спроведоа толку успешен атомски тест“.

На одговор од Советот ќе се почека, меѓу другото и затоа што во Њујорк досега не се знае точно што експлодира длабоко во севернокорејската почва. Според американското министерство за надворешни работи, се’ уште нема независна потврда на наводниот севернокорејски атомски тест.