1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се' уште нема договор за проблематичните банки

Министрите за финансии од ЕУ до рано утрово (22.06.) не успеаја да постигнат договор за затворање на банките кои и’ прават преголема штета на економијата, информираа дипломатски извори од ЕУ.

И по 18-часовните разговори и натаму останаа длабоките разлики меѓу европските министри за финансии за тоа колку земјите и кредиторите би требале да придонесуваат за спасување на проблематичните банки и до кој степен треба да се има флексибилност кон нив, информираа извори од состанокот.

По средбата во Луксембург францускиот министер Пјер Московици изјави: „Повторно ќе се сретнеме в среда“. Тој оцени дека на состанокот биле изминати „90 отсто од патот“ и оти „договорот е блиску“.

Министрите за финансии на земјите членки на ЕУ настојуваат да постигнат договор за заедничките правила за ликвидации на банките кои ќе се најдат во проблеми, без тоа да падне на товар на даночните обврзници. Веќе претходно одредија кој би требало да плати во случај на спасување или ликвидација на некоја банка и по кој редослед: први акционерите, потоа најслабо осигурените доверители, а по нив сопствениците на т.н. сениор обврзници и на крај штедачите, односно тие кои имаат депозити поголеми од 100 илјади евра.

Меѓутоа, земјите членки на ЕУ се поделени по ова прашање во две групи. Во првата група се Франција, Велика Британија, Италија и Шведска кои сакаат одредена флексибилност во решавање на поединечните случаи. Париз сака, во некои околности, да може да ги заштити индивидуалните штедачи и малите и средни претпријатија.

Другата група земји, во којашто се Германија, Холандија, Финска и други земји, бараат најстроги можни правила за да се избегне несигурноста којашто би можела да предизвика бегство на инвеститорите и штедачите. Тие сакаат во иднина повеќе никогаш да не бидат употребувани јавните пари за тие цели. Постигнувањето на овој договор е клучен за воспоставување банкарска унија.