1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се топи мразот, се загреваат апетитите по суровини

Британскиот концерн БП и рускиот гигант Роснефт сакаат за четири години да започнат со дупчења на Арктикот во потрага по нафта. Арктичкиот мраз се топи, што ја отвора можноста за нови бродски рути и пристап до суровини.

default

Со топењето на Арктичкиот мраз се зголемува интересот за потрага по гас и нафта, но и злато, сребро и дијаманти.

Во пристаништето на градот Тромзо еден кран вади сиви камења од водата. Работниците без разлика на годишното време, по снег и дожд, градат нов терминал за се’ поголемиот број бродови за крстарење што пристигнуваат во пристаништето. „Вратата кон Арктикот“ го нарекуваат малиот норвешки град во поларниот круг. Промената на климата доведе до зголемување на бројот на товарни бродови и нафтени танкери во океанот. Високите температури го топат морскиот мраз во лето. Земјите кои излегуваат на море како Норвешка, Данска, Русија, Канада и САД сакаат да ги искористат новите можности. Адмиралот Дејв Титли е океанограф во американската армија и неодамна на една конференција ја презентираше неговата визија:

„Сметаме дека е многу веројатно дека во периодот меѓу 2035 и 2040 година арктичкиот океан ќе биде без мраз околу еден месец. До средината на овој век би можел океанот да биде без мраз дури два до три месеци во годината. Тогаш бродарството ќе се заинтересира да ги намали трошоците и оддалеченоста на неговите рути “-изјави Дејв Титли.

Арктикот како мост меѓу Европа и Азија и обратно

Flash-Galerie Arktis Umwelt Klimawandel

Патувањето преку стопениот Арктик го намалува времетраењето на транспортот меѓу Азија и Европа за половина

Северниот премин низ Арктикот може да го намали времетраењето на транспортот меѓу Азија и Европа. Рутата од Шангај до Хамбург, на пример, покрај Русија и северниот залив е пократка за околу 6.000 километри отколку традиционалната рута низ Суецкиот канал. Токму минатата година еден руски танкер од пристаништето Мурманск пловеше кон Кина преку Северниот пасаж. Патувањето траеше само половината од вообичаеното време. Ова наредните децении може да стане вообичаено. На норвешкиот министер за надворешни работи Јонас Гор Стор му е јасно дека и не-арктичките земји, како што е Кина, имаат голем интерес за искористување на ресурсите на Арктикот.

„Ние го гледаме тоа како мост преку Азија. А, пак, Азија го гледа тоа како мост кон Европа. Сообраќајот не би се одвивал во текот на целата година, туку само неколку месеци во годината. Би можеле да патуваме од Европа кон Азија преку северниот пасаж“, објаснува Јонас Гор Стор.

За ова во тек се меѓународни преговори, се работи на формулирање кодекс со правила за бродовите кои би пловеле во арктичките води, како и формирање доволен капацитет на бродови за спасување во случај на несреќа.

Потрага по гас и нафта под строги правила

Jonas Gahr Støre

Норвешкиот министер за надворешни работи Стор предупредува на штетните последици од можните дупчења на Артикот

Друг стопански фактор во регионот е пристапот до гас и нафта. Идејата на британскиот нафтен концерн БП и рускиот Роснефт да вршат дупчења на дното на океанот за вадење нафта и гас може да претставува закана за животната околина, смета норвешкиот министер за надворешни работи Стор:

„Очекуваме да се постават строги правила. Ние самите многу внимателно почнавме да дупчиме во Баренското море и се придржувавме до такви правила. Заедно со Русите поставивме стандарди за здравјето на работниците, за животната околина и за безбедноста на луѓето кои таму работат. Мислам дека Русите ќе соработуваат и во новиот проект со БП.“

Меѓутоа еколошките организации како World Wide Fond се загрижени поради плановите на големите концерни, затоа што со дупчењето ќе бидат опфатени и некои заштитени делови од Арктикот.

„Јасно е дека не постои доволен капацитет и технологија во тој дел од Арктикот доколку дојде до некаква несреќа. Ова не е само мислење на еколошките организации, туку ова е веќе широко познат факт. Затоа ги молиме руската влада и другите влади да соочекаат со пробните дупчења, се додека фирмите не докажат дека се во состојба да спречат да не дојде до еколошка катастрофа, доколку се случи некаква незгода при дупчењето“, објаснува Фриц Јакоб Фредриксен.

Експлоатацијата на рудното богатство на Арктикот - закана за природата

Polarstern sucht in der Arktis Informationen zum Klimawandel

Да ли Арктикот ќе остане и понатаму природен рај за животните, тешко достапен за луѓето?

Дали промената на климата во Арктикот е закана за природата или голема шанса за стопанството?

Од една страна постои желбата да се постигне договор за намалување на испуштањето на ЦО2 во атмосферата, но од друга страна постојат комерцијални интереси за искористување на ресурсите на Арктикот, а овие две работи не можат да се спојат заедно, објаснува Фрида Бегстон, експерт за клима во Гринпис во Норвешка:

„Застрашувачки е што се зборува постојано само за шанси. А, токму овие шанси беа тие што ни овозможија да ги развиваме нашите индустрии така што сега токму тие го топат мразот на Арктикот. Треба многу повеќе да се занимаваме со причините за топењето на мразот, а не со шансите за стопанството.“

Меѓународните преговори за спречување на промената на климата се долг и тежок процес. Арктикот се затоплува два пати побрзо отколку останатиот дел од планетата земја. Конкуренцијата расте се’ побрзо во светот, како и комерцијалната експлоатација на регионите, кои до сега важеа за природен рај и беа тешко достапни за луѓето.

Автор: Ирене Куали/Светлана Брик

Редактор: Борис Георгиевски