1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Се стега обрачот околу Златна зора

Уште двајца пратеници на десно-екстремистичката партија Златна зора се најдоа во истражен затвор под обвинение дека се членови со раководна функција во криминално здружение.

Грчкото правосудство продолжува да го стега обрачот околу десно-екстремистичката партија Златна зора. Повод за ваквото остро постапување на правосудните органи против партијата која и претходно беше обвинувана за бројни напади врз странци и политички противници беше убиството на еден музичар од левичарскатасцена од страна на еден приврзеник на Златна зора.

Од почетокот на октомври во истражен затвор веќе се наоѓаат лидерот на партијата, Никос Михалолијакос и двајца пратеници на Златна зора во грчкиот парламент.

Синоќа пак прекршочниот суд во Атина им одреди мерка притвор на уште двајца пратеници на оваа партија, под обвинение за „раководење со криминална организација“.

Судот реши да бидат притворени пратениците Јоргос Германис и Панајотис Илиопулос, додека околу евентуалното одредување притвор за третообвинетиот Статис Букурас, кој вчера истотака беше изведен пред овој суд, судиите дополнително ќе решаваат денеска.

Според сведоци во судскиот процес, обвинетите учествувале во регрутирање на нови членови на партијата, која властите ја сметаат за криминална група, и во нивно обучување за напади врз имигранти. Како реакција на овој судски процес, портпаролот на Златна зора, Илијас Касидијарис изјави дека додека им се суди на членови на нивната партија, „терористите се шетаат слободно“. „ Ниту еден член на Парламентот или министер не е повикан на сослушување поради скандал или корупција. Единствено незаконски се сослушуваат и приведуваат пратениците на Златна зора“, потенцира Касидијарис.

Досега против девет од вкупно 18-те пратенци на Златна зора во грчкиот Парламент се покренати обвиненија за „членување во криминална организација“.