1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се стега обрачот околу Гадафи

По воведувањето санкции против либискиот владетел Моамер eл Гадафи, меѓународната заедница ги продолжува советувањата за натамошни чекори и справување со кризата.

default

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон пристигна во Женева, каде денеска треба да се одржи седница на Советот на ОН за човекови права, а ќе води и билатерални разговори околу состојбата во Либија. Според весникот „Њујорк тајмс“, САД и Европа ја проверуваат и можноста за воведување забрана за авионски летови кон и од Либија.

Меѓународната заедница мора да најде „хуманитарен, но и политички“ одговор на кризата во северноафриканската земја, изјави Клинтон во Женева. Во моментов, како што изјави таа, Либијците се обидуваат да се организираат за времето по Гадафи.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на состанокот на Советот на ОН за човекови права сака да настапи со свое излагање. Во едногласно усвоената резолуција, ова тело во петокот се изјасни да ја исклучи Либија од членство, поради примената на насилство од страна на владата кон демонстрантите. Но, полноважната одлука може да ја донесе само Генералното собрание на ОН во Њујорк, кое е закажано за утре. Советот за безбедност на ОН во саботата воведе опсежни санкции против Гадафи и неговите следбеници, меѓу кои забрана за патување, замрзнување на банкарскте сметки и ембарго за оружје.

Libyen Bengasi Protest Gaddafi Flash-Galerie

Се` повеќе градови во рацете на востаниците

Италија е главната пречка за воведување построги санкции

Според медиумски извештаи, забраната за авионски летови е мерка околу која ќе бидат потребни натамошни советувања во Советот за безбедност на ОН. Не е веројатно дека околу ова ќе биде постигнат договор, освен ако насилството на режимот на Гадафи против народот не ескалира, меѓу другото и со употреба на авијација.

Важна улога според медиумите во тоа игра Италија, која има договор за соработка со Либија. Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини вчера изјави дека догвоорт фактички е потпишан во 2008 година. Фратини смета дека забраната за авионски летови за Либија е мерка околу која е потребно да се размисли подолго време.

Медиумите истакнуваат дека пречка веројатно е клаузулата во договорот според која Италија и Либија се обврзани на ненапаѓање.

Гадафи во меѓувреме санкциите на Он против него ги нарече безвредни. Во телефонското интревју за српската телевизија „Пинк“, Гадафи негираше дека во неговата земја има протести.

Десетина дена по почетокот на народниот бунт во Либија, противниците на Моамер ел Гадафи го ставија под сопствена контрола и важниот град Савија. Ова го известуваат новинарите кои имале можност да го посетат градот, кој се наоѓа на 60 километри од главниот град Триполи. Според телевизијата Ал Џазира, силите лојални на Гадафи ги контролираат само уште Триполи и родниот град на либискиот лидер Сирте.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/афп

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM