1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се согласија дека не се согласуваат

Германската канцеларка Меркел и израелскиот премиер Нетанјаху оценија дека билатералните односи се добри и покрај недоразбирањата. Меркел, сепак, не се воздржа од критики.

Германската канцеларка Ангела Меркел ги критикуваше плановите на Израел за изградба на нови доселенички населби на палестинска територија, по средбата со премиерот Бенјамин Нетанјаху во Берлин.

Сепак, нејзините критики беа далеку поблаги за разлика од нејзините европски колеги кои ги повикаа израелските амбасадори за да им врачат протест поради најавената изградба на три илјади домови на Западниот брег и во источен Ерусалим.

„Што се однесува до изградбата на населбите, се согласивме дека не се согласуваме“, изјави Меркел на заедничката прес-конференција. Прашана дали Германија сега ќе разгледа некои други, поостри чекори, Меркел ја отфрли таквата опција.
„Јас го кажав моето мислење. Тоа е одлука на израелците. Јас не сум личност која се заканува. Повеќе сум за дискусија со различни мислења“, рече Меркел.

Двајцата претседатели на Влади придружувани од неколкумина министри од двата кабинета, веќе втор ден дебатираат за теми од заеднички интерес. Меркел редовно ја потенцира силната германска поддршка за израелската држава, но односите меѓу двете земји во последните години не се на највисоко ниво.

Во пресрет на посетата, во интервјут за Ди Велт, Нетанјаху изјави дека е разочаран поради одлуката на Германија да се воздржи од гласањето за статусот на Палестина во ОН, наместо да се спротивстави. Сепак, Нетанјаху рече дека нема сомневања во поддршката на Меркел за неговата земја.