1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се’ се врти околу парите!

Конференцијата на Обединетите нации за биолошкото богатство на планетава со 6 илјади учесници од 191 држава што се одржува во Бон, не е никаков научен стручен собир, туку чисто политичка манифестaција.

default

Конференцијата во Бон е проследена и со многу демонстрации

Конкретно, на конференцијата во Бон се разговара за спроведувањето на конвенцијата за биолошкото богатство што на самитот во Рио де Жанеиро во 1992 година ја донесоа претставниците на 150 држави. Во меѓувреме ја потпишаа 190 држави, но не и САД. Исто како кај заштитата на климата, Американците одат по сопствен пат. А, според конвенцијата од Рио, генетските ресурси веќе не се заедничкото наследство на човештвото, туку животните, растенијата и бактериите се сопственост на државите во кои постојат.

Тука почнува спорот за таканаречениот баланс на предностите. На пример, кога во областа на медицината еден мултинационален фармацевтски концерн за себе присвојува растителен материјал што како лек во некоја земја во развој, со генерации се користел како природно средство за лекување. Земјите во развој бараат соодветно да учествуваат во користењето на нивните генетски ресурси. Никој не може да им ја оспори нивната борба против био-пиратеријата.

Проблемот е всушност во деталите. Притоа, збор е за многу пари и големи интереси, на пример кај заштитата на прашумите со големо богатство видови. Шумите се палат за на добиените површини да се садат растенија од кои може да се добие био-гориво. Ако прашумите се штитат, тогаш тие растенија ќе мораат да се садат на постојните земјоделски површини. Резултатот е намалување на количеството храна, а тоа води кон зголемување на нејзините цени што сиромашните на овој свет не можат да ги платат. Значи, мораат ли некои да гладуваат, за други да можат да возат автомобили? И ова е тема на конференцијата во Бон.

Дека станува збор за спротивставени економски интереси, за тоа на конференцијата во Бон постои согласност, но затоа пак жесток е спорот за постигнување на посакуваната цел. Би можел да помогне фактот дека притиска времето. Зашто, според заклучокот од самитот во Рио, губењето на биолошкото богатство значително треба да се намали до 2010 година. На следната конференција по две години во Јапонија треба да се донесе обврзувачки документ за заштитата на биолошкото богатство, но 190-те држави учеснички на конференцијата во Бон се далеку од таа цел.

Во суштина, спорот се врти околу тоа што индустриските држави не сакаат да преземат никакви обврски во полза на земјите во развој, односно, таквите обвски да бидат што помали. Заштитата на видовите не е можна за џабе. Договорите што ќе имаат дејство и што треба да придонесат за преживувањето на човештвото, имаат своја цена. Но,и неодговорната пасивност е скапа. Уништувањето на природата во светот, годишно предизвикува намалување на стандардот за околу 2 билиона долари.